Доставување информација од јавен карактер до пратеници на Собранието на РМ за нови вработувања во Министерството за култура

По барање за слободен пристап до информации од јавен карактер од 24.07.2017 од страна на пратенииците во Собранието на Република Македонија, Драган Данев, Дафина Стојановска, Антонијо Милошоски, Ванковер Манчев, Зоран Илиоски, Нада Ципушева, Димитар Стеванџија, Иван Иванов, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Жаклина Пешевска, Лилјана Затуроска, Панцо Минов и Сашо Василевски, доставено до Министерството за култура на Република Македонија на 27.07.2017, а во врска со нови вработувања во Министерството за култура од 01.06.2017, Министерството за култура го подготви и го испрати до барателите следниот одговор:

„Почитувани,

Во врска со Вашето барање за пристап до информации од јавен карактер, кое се однесува на информацијата за нови вработувања на определен и неопределен период, работен однос врз основа на договор на дело и/или авторски договори и други договори со кои е определен надоместок за извршена работа, а кои се остварени од 1.06.2017 г. до денес во рамките на Минстерството за култура, ја доставуваме следнава информација:

Во Министерството за култура, во периодот од 1.06.2017 г. до 31.07.2017 г. е вработено едно (1) лице како посебен советник – Советник за култура – на определно време (до истекот на мандатот на функционерот во чиј кабинет е вработен).

Ангажирани се четири (4) лица со договор на дело.

Извршено е едно (1) спогодбено преземање на аминистративен службеник од друг државен орган, со звање – Помлад соработник, што не произведува финансиски импликации врз буџетот на Република Македонија.

Во тек е постапка за уште еден посебен советник – Советник за правни работи, на определено време.

Воедно, потенцираме дека во 2006 година, вкупниот број вработени во Министерството за култура изнесувал 46 лица, додека на 1.06.2017 г. затекната е состојба од 162 вработени на неопределено време, не сметајќи ги ангажираните на договор за дело и другите ангажирани лица со високи хонорари или други парични надоместоци.

Тоа значи дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, бројот на редовно вработени лица во Министерството за култура на Република Македонија бил зголемен за повеќе од 300 %, односно за трипати.“