Спасовски: Им честитам на припадниците на МВР за одлично завршената работа во организацијата на Супер купот

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес конференција им се заблагодари на сите вработени во МВР кои дадоа придонес за организацијата на натпреварот од Супер купот на УЕФА меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид да помине во најдобар ред.

„Им честитам на припадниците на Министерството за внатрешни работи кои беа дел од организацијата на вчерашниот фудбалски натпревар кој се одигра во Скопје. Следејќи ги стандардните процедури за организација на настани, беше формиран оперативен штаб со кој раководеше директорот на Бирото за јавна безбедност, а во него учестуваа помошниците директори и началници од Бирото за јавна безбедност, од Управата за безбедност и контраразузнавање и Одделите во рамки на министерството“, рече министерот Спасовски.

По оценка на штабот, а врз основа на претходно направени планови беа преземени мерки и активности за одржување на стабилна безбедносна состојба, јавен ред и мир, како и да се гарантира безбедноста на учесниците на натпреварот, преставниците на УЕФА и навивачите.

„Оценката која утрово ја добив од Штабот е дека во деновите пред одржувањето на натпреварот и на денот на натпреварот безбедноста на граѓаните и сите учесници не била загорзена и не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Приведени се 14 лица од кои шест странски државјани и осум македонски државјани. Еден странски државјанин е повикан да даде исказ пред јавен обвинител бидејќи бил купувач на билет во случај на препродажба на билети“, рече Спасовски.

Регистрирани се три случаи на препродавање на билети за Суперкупот од страна на тројца странски државјани (двајца англиски и еден српски државјанин) и двајца македонски државјани, за кои во текот на денешниот ден ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело ,,недозволена трговија“ став два од Кривичниот Законик. Потоа недозволена продажба на шалови со натписи на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед од страна на двајца македонски државјани, на кои им е издаден записник за прекршок по Законот за трговија. Регистриран е и случај на спречување на службено лице во вршење службено дејствие од страна на вработен во Агенцијата за разузнавање.

„Дозволете да ве известам и дека Владата на Република Македонија ги презеде сите активности во нејзина надлежност за исполнување на барањата на УЕФА, кои согласно договорот требаше да се исполнат до 23 јули, а Владата вложи дополнителни напори и сите пречки со кои се соочивме беа отстранети до 20 јули. Голема благодарност до вработените во Владата и јавните претпријатија кои со својот ангажман придонесоа за позитивна промоција на Република Македонија пред светската јавност. Упатувам и голема благодарност за одличната соработка со ФФМ и УЕФА, со кои постојано комунициравме во интерес на одличната организација на овој настан. Се разбира, благодарност и до медиумите за почитувањето на правилата кои беа пропишани од УЕФА“, рече министерот Спасовски на денешната прес конференција.