Отворена музејската изложба „25 години Армија на Република Македонија“

„Секој од нас независно од работната позиција која ја вршел или ја врши денес како дел од нашето општество сме сведоци, и на своевиден начин ги споделуваме изминатите дваесет и пет години историја на нашата Армија, сите нејзини предизвици и искушенија, успеси, жртви, напорни залагања за одбрана на државата и за придонесите на АРМ за зачувување на светскиот мир. Токму од тие причини Министерството за одбрана со денешната изложба прави обид сите заедно да се потсетиме, да ја освежиме меморијата за нашата Армија како еден од главните столбови на независноста и самостојноста на Република Македонија“, рече министерката за одбрана на Република Mакедонија, Радмила Шекеринска, која со пригоден говор денеска ја отвори изложбата „25 години Армија на Република Македонија“, во Воениот музеј.

Таа додаде дека во изминатиов период нашата Армија поминала низ повеќе процеси на трансформација, од регрутен систем во целосно професионална Армија, која нуди еднакви можности за сите граѓани на Република Македонија, без разлика на пол, вера или етничка припадност.

„Армијата беспрекорно ги извршуваше сите стратешки одлуки на највисокото државно раководство и вашите успеси беа и остануваат еден од главните двигатели на Република Македонија во нејзината стратешка цел, членство во НАТО“ – рече Шекеринска.

Директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев во оваа прилика рече дека на оваа изложба на која се прикажани фотографии и опрема на АРМ, може да се погледнат значајни моменти кои го прикажуваат процесот на изградбата на нашата Армија како чувар на мирот и слободата дома и надвор од границите на Република Македонија.

На изложбата која е посветена по повод 18 Август, Денот на АРМ и Јубилејот „25 години Армија на Република Македонија“, се изложени 26 автентични фотографии од архивите на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија снимени последователно секоја година од почетокот на формирањето на АРМ каде е прикажана 25 годишната историјата на нашата Армија, развојот на единиците, учеството во мировните мисии и воени вежби, изложена е воена опрема и вооружување на припадниците на АРМ, меѓу кои и на специјалните единици кои ја користеле низ оваа 25 годишна историја.

На денешното отворање на изложбата присуствуваа Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник, Методија Величковски, министри во Владата на РМ, високи претставници во МО и АРМ, амбасадори и одбранбени аташеи во Република Македонија.

Изложбата може да се посети секој ден освен понеделник од 10-17 часот и ќе биде поставена до 20 септември 2017 година.