СДСМ: Трајкоски со лажен отчет го заврши владеењето со Дебрца

Во врска со денешниот отчет на градоначалникот на Општина Дебрца, соопштение испрати ОО на СДСМ Дебрца во кое стои:

„Денешната прес конференција и наводниот Отчет на Градоначалникот на општина Дебрца, Трајкоски претставува уште еден очајнички обид за дефокусирање на јавноста и продолжение на четиригодишното замајување на граѓаните на Дебрца, со тавтолошко набројување на истите проекти.

Отчетот на Трајкоски е празен, бидејќи во него ги нема приоритетните проекти, кои беа ветени во неговата изборна програма, со кои ја доби довербата на граѓаните на Дебрца.

Во Отчетот не видовме каде е индустриската зона во Мешеишта, во која за почетокот на 2015 година требаше да пристигнат првите инвеститори, го нема рудникот за манган Стогово. во кој требаше да се реализираат 200 вработувања, ги нема винариите во Мешеишта, ја нема турската инвестиција во фабрика за моторни масла, го нема Слатинското Езеро, кое требаше да прерасне во туристичка атракција за рурален туризам, ги нема откупно дистрибутивните центри за земјоделски производи, ја нема урбанизацијата на општината и многу други, ветени, а неисполнети проекти.

Во Отчетот не видовме како Градоначалникот успеа општината да ја претвори во најзатворена и заробена институција, не видовме ниту за крајно расипничкото и нетранспарентно трошење на општинските пари, партиските вработувања, мобингот и прогонот на политичките неистомисленици во општинската администрација, коруптивно однесување кое може да се види преку доделување на општински средства на блиски роднини или сопартијци, доделувањето на јавни набавки на исти фирми и по повисоки цени од пазарните, исклучувањето на граѓаните од процесот на креирање на локалните политики и донесувањето на одлуките, дерогирањето на улогата на месните заедници , давањето предност на неприоритетни проекти или изградба на инфраструктура која не генерира приходи, селективниот инфраструктурен развој, со насочување на поголемиот дел од инвестициите во две-три населби, ниското ниво на комуналните услуги, нерешениот проблем со дивите депонии, партиската диструбуција на општинската социјална помош.

Во Отчетот Трајкоски не кажа ниту со колкав износ успеа да ја задолжи општината.

Трајкоски се испофали дека реконструирал водоснабдителни системи во неколку села, а не кажа дека токму во тие села граѓаните цело лето останаа без капка вода, изградил патна инфраструктура, а не кажа дека сите општински патишта се небезбедни за сообраќај, поради несичистената крајпатна вегетација, изградил два канализациони системи, од кои ниту еден не е во функција и дека и од оној изграден од претходната локална власт, во село Белчишта, отпадните води се испуштаат во Белчишкото Блато.

Наместо вистински, видовме лажен отчет, со кој, за среќа, Трајкоски го заврши владеењето со Дебрца.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.