Царовска: Измените на законот за социјална заштита ќе значат подобрување на правата и на квалитетот на живеење на лицата со попреченост

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на трибината посветена на “Предлог мерките за дополнителна социјална заштита за лица со попреченост и нивните семејства” информираше за предложените измени во Законот за социјална заштита при што нагласи дека во овој момент се прават неколку клучни измени кои се во насока на подобрување на правата и на квалитетот на живеење на лицата со попреченост.

Таа рече дека со овие измени за прв пат се воведува основа Владата на Република Македонија да донесе посебна Програма за обезбедување на персонална асистенција.

Со предложените измени на законот за социјална заштита се овозможува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност, како и додатокот за глувост да се остварат без оглед на приходите на лицето кое има потреба од помош за задоволување на основните животни потреби и вклучување во секојдневниот живот во заедницата.Со тоа ќе престане да важи условот со кој овие права можат да ги остварат лица чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

Во постапката за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице престанува потребата да се доставува конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности.

“Досега граѓаните беа оптоварени и финансиски со 1.200 денари за конзилијарно мислење и 500 денари за упат од матичен лекар за конзилијарно мислење. Сега првостепената комисија ќе ги посетува граѓаните во домашни услови и по претходна дијагноза и отпусно писмо од болница тие ќе си го остварат правото на помош и нега од друго лице”, појасни министерката Царовска.

Со измените исто така, се овозможува лице со умерени пречки во менталниот развој да го оствари правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице врз основа на наод, оцена и мислење на стручен орган со кој е утврден видот и степенот на попреченост, издаден пред навршување на неговата 26 годишна возраст. Согласно со овие измени и надоместокот за скратено работно време родителите со деца и лица со попреченост ќе можат да го остваруваат и по нивната 26-та година, за разлика од досега, односно без оглед на возраста на детето.

Таа дополни и дека се предвидува и измена и дополнување на Законот за заштита на децата, во делот на посебниот додаток во однос на неподнесување на барање за продолжување на правото за децата кои имаат трајни наоди – барањето да не се поднесува во овие случаи, што е на барање на самите родители.

Дополнително на овие измени на барање на родителите на децата со попреченост, се разгледуваат можностите за амадмански предлози за покачување на висината на надоместокот за скратено работно време, од сегашните 4.700 денари да биде 50% од платата на родителот (но не повеќе од просечната плата во Република Македонија) и дополнително се разгледува можноста и се прават пресметки лицата со тешки и најтешки комбинирани пречки да можат да користат додаток за мобилност.

Министерката Царовска потенцираше дека предложените мерки се усогласени со граѓанските организации и родителите со кои таа е во постојана комуникација и координација, како и со сите оние што се засегнати бидејќи не може да се креираат политики ако не се прашуваат граѓаните коишто се директно засегнати од нив.

Претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Благица Димитровска рече дека тие ќе побараат и изедначување на правата на биолошки и згрижувачки семејства, и дека ќе бараат и додаток за мобилност да добиваат и лица со умерена, тешка и најтешка интелектуална попреченост, а имаат комбинирани пречки.

Во прилог видеа за:

Измени во Законот за социјална заштита за потребите на лицата со посебни потреби: https://youtu.be/xPJnxFFoU2o

Прашања и одговори за измени во Законот за социјална заштита https://youtu.be/vMMfmJT0V6c