Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, од денеска до 26-ти август, ќе учествува на 12-иот „Форум за агро-трговија и економска соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина“, што годинава се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија. Форумот е во рамки на 55-тото издание на Саемот за храна и земјоделство „AGRA FAIR 2017“ што се одржува во Горња Радгона, Словенија.
Како клучен настан кој годинава ќе го одбележи саемот е токму официјалната средба во рамките форумот и на иницијативата „16+1“ помеѓу земјите од Југоисточна Европа и Народна Република Кина,.
На утрешниот состанок министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од НР Кина, ќе ја промовираат иницијативата „16+1“ чиј што дел е и Република Македонија, со цел да се зајакне билатералната и мултилатералната размена и да се даде заеднички одговор на главните предизвици за понатамошен развој на трговијата со земјоделски производи помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
На годинешниот форум, фокусот е ставен на понатамошниот развој и зголемување на трговијата со земјоделско-прехрамбени производи, со цел да се продлабочи соработката во истражувањето и развојот и да се разменат добри земјоделски практики во делот на одржлив развој на земјоделскиот и преработувачкиот сектор.
Земјите учеснички на форумот, се поканети да ги споделат своите планови за заеднички активности на национално и интернационално ниво, за понатамошно подобрување на рамката која се однесува на фер и транспарентна глобална трговија, како и за подобро функционирање на синџирот со снабдување со храна. На форумот, е предвидено министрите да дискутираат за повеќе отворени прашања, во однос на главните предизвици за идниот развој на земјоделско-прехрамбената трговија и како иницијативата „16+1“ може да придонесе во тоа, за искуствата во тргувањето помеѓу земјите учеснички, за безбедноста на храна, надминување на нетарифните бариери и друго.
Во таа насока на министерскиот состанок свое обраќање ќе има и македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
На 26-ти август во сабота, министерот Николовски ќе го посети Саемот за храна и земјоделство „AGRA FAIR 2017“ во Горња Радгона, Словенија. Ова е 55-то издание на еден од најголемите и најзначајни саеми за храна и земјоделство во Централна Европа на кој се очекува да се претстават повеќе од 1.700 изложувачи од 30 држави во светот. Земја партнер на годинашното издание ќе биде НР Кина.
За Република Македонија, како дел од иницијативата „16+1“ е обезбеден промотивен простор на саемот од 9м2, на кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се претстави со органско земјоделско производство, како еден од секторите во земјоделството кој има голем потенцијал за развој во нашата држава. Свои производи ќе изложат 6 фирми кои произведуваат: ајвар, сирење, мед, марамалд, овошје, колачи. Нивниот настап и промоција, ќе биде реализиран со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, и со поддршка на Владата на Словенија, која го обезбеди бесплатниот штанд.
Во рамките на саемот е планирано Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски да оствари средби со високи владини претставници од земјите од Централна и Источна Европа.