Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Денеска имам чест, заедно со мојот заменик задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и со министерот за економија Крешник Бектеши да соопштам дека исполнуваме уште еднa преземена обврска:
Ја враќаме за сите наши граѓани евтината тарифа на струјата!
Обврската од програмата на Владата станува реалност со која се олеснува животот на граѓаните на Македонија.
Кога ја креиравме програмата на владата, во фокусот ни беа потребите на граѓаните. Потребите за економско олеснување на сите граѓани. Без исклучок.
Зацртавме задача дека еден од приоритетите на Владата ќе биде намалувањето на трошоците за живот и враќањето на парите кај граѓаните. Си поставивме за цел справување со енергетската сиромаштија и враќање на евтината тарифа на струјата.
Вредноста на оваа мерка изнесува 8 милиони евра. Тие пари ги враќаме назад кон граѓаните. Кон сите граѓани. Знаејќи дека евтината тарифа ја користат највеќе сиромашните граѓани, тоа значи дека најголеми заштеди ќе имаат посиромашните граѓани на нашата земја.
Еве нè денеска, објавуваме дека тоа го реализираме:
По два часа денска евтина тарифа на струјата, секој работен ден и сабота од 14 до 16 часот, потоа секој работен ден евтина струја од 22 часот до 7 часот наутро и во неделите 24 часа евтина тарифа на струјата.
И тоа точно според предвидениот тајминг. Рековме дека враќањето на евтината тарифа на струјата ќе го обезбедуваме во текот на летото и дека таа мерка ќе започне да се применува во текот на октомври оваа година. До тогаш ќе бидат подготвени сите неопходни услови за нејзино спроведување.
Исполнувањето на должностите што ги презедовме е прашање на честа и на интегритетот на оваа Влада и, исто така, во исто време, е прашање на вредности и на почит што оваа влада ги има кон сите граѓани на нашата земја, Република Македонија.
Се посветивме и ги спроведуваме сите определби предвидени во програмата за својата работа до 2020 година. Оваа голема и свечена обврска е можна само заради тоа што вградивме цели кои се поврзани со животните потреби на луѓето и цели кои можат да бидат практично реализирани. И од тоа нема отстапувања. Зборот е збор.
Почитувани граѓани, во Македонија може да се живее добро ако заедно и посветено се заложиме да ги оствариме идеите за достоинство на сите. Овие мерки водат само во една насока – живот за сите во Македонија, живот во секој дом!
Така отпочнавме, така и ќе продолжиме понатаму.