Средба на министерот Димитров со Ханс Ван Бален, член на ЕП и претседател на Алијансата на либерали и демократи за Европа (ALDE)

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денес оствари средба со холандскиот европратеник и претседател на Алијансата на либерали и демократи за Европа (ALDE), Ханс Ван Бален, кој престојува во работна посета на нашата земја.

Димитров ја потенцираше подготвеноста на Владата за целосен ангажман во имплементација на клучните реформи со цел на краток рок да се отвори патот за обновување на неусловена препорака за почеток на пристапните преговори. Во таа насока, беа разгледани претстојните поважни активности од европската агенда. Придвижувањето на евроинтеграциските процеси ќе овозможи отворање на дискусија за донесување на одлука за почеток на пристапните преговори, како чекор кон остварување на стратешката цел на Македонија – членство во Европската унија. Притоа изрази благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија, рефлектирана во неколкуте последователни резолуции за Република Македонија.

Европратеникот Ханс Ван Бален ја реафирмира поддршката од Алијансата на демократите и либералите во Европскиот парламент (ALDE) за унапредување и деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија со отпочнување на пристапните преговори. Тој исто така ја повтори принципиелната поддршката на Европскиот парламент кон процесот на проширување и кон евроинтегративниот процес на Република Македонија потврдена во Резолуциите на Европскиот парламент за напредокот на земјата и со континуираниот повик на Европскиот парламент за почекот на пристапните преговори на Република Македонија без понатамошно одлагање.

Беше искажана заедничка подготвеност за динамична соработка во насока на остварување на овие цели.

На средбата беше разговарано и за актуелни прашања.