Театарската група на Црвен крст Охрид ги освои срцата на публиката и во Суботица

После Крагуевац, Ужице и Требиње, театарската група на Црвен крст Охрид ги освои срцата на публиката и во Суботица. Младите талентирани актери-аматери, волонтери на Црвен крст Охрид предводени од креаторите на претставата вчера заблескаа пред бројната публика во Младинскиот театар во Суботица со изведбата на театарската претстава „БАГАЖ“. Публиката не ја криеше воодушевеноста од прекрасната изведба-глума на младите актери, но и од тематиката на претставата која го третира актуелниот проблем со заминувањето на младите луѓе од родната земја во потрага по подобар живот, носејќи, во и со себе различни причини и различен багаж. Претставата „БАГАЖ“ театарската група на Црвен крст Охрид премиерно ја изведе на отворањето на овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“.

Оваа посета на Црвен крст Суботица, волонтерите ја искористија и за активно учество на меѓународниот младински камп „СЕКАДЕ ЗА СЕКОГО“ кој во периодот од 21-27 август, традиционално, секоја година се одржува во Суботица. Дружењето со своите врсници од организациите на Црвен крст од Суботица, Ниш, Ужице, Крагуевац (Србија), Тиват, Даниловград (Црна Гора), Ровињ (Хрватска), Требиње (Босна), и од Унгарија овозможи воспоставување на нови пријателства и контакти, а учество на бројните содржини на кампот го подигна нивото на знаења, кај нашите волонтери во различните области на делување на Црвениот крст. Овие средби се покажаа како одлична можност за промоција на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ и привлекување на нови театарски групи од регионот и пошироко.

Побогати за нови искуства но и со конкретна покана за гостување во Ниш, наредната година, театарската група на Црвен крст Охрид на 28 август 2017 се враќа во Охрид.