Средба на премиерот Заев со амбасадорката Дивјак Томиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Душанка Дивјак – Томиќ, амбасадорка на Република Србија во Република Македонија.

Постои искрено пријателство меѓу двете држави и постојат реални основи за продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји, Македонија и Србија, е заедничката оценка изразена на состанокот.

„Владата на Република Македонија е определена да развива доброседски односи и низ прокативната улога во регионалата соработка да придонесе кон евро-атлантските перспективи на целиот регион. Република Србија е традиционален пријател на Република Македонија и насочени сме само кон позитивни односи што ќе придонесат и во билатералните односи и на регионален план“, рече премиерот Заев.

Српската амбасадорка Дивјак – Томиќ изрази благодарност за конструктивноста на премиерот Заев во унапредувањето на соработката помеѓу Македонија и Србија, за што се веќе договорени официјална посета на премиерот Заев на Србија, заеднички состанок на двете влади, конкретни чекори во областа на економијата, како и за неговите заложби, потврдени и во телефонскиот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, низ искрен и отворен пристап да се решаваат сите отворени прашања.

„Пренесувам позитивна и конструктивна атмосфера од Србија за натамошна блиска соработка. Исто така премесувам и благодарност за поддршката од Владата на Македонија, седиштето на Транспортната заедница да биде во Белград. Тоа што генералниот секретар на Транспортната заедница е од Република Македонија е само потврда за определбата од двете страни, за негување и развивање на нашите пријателските односи“ рече амбасадорката Дивјак – Томиќ.

На средбата е констатирано дека двете држави имаат интерес да ги следат европските тенденции во демократскиот и економскиот развој. Премиерот Заев објасни што прави новата Влада на тој пат, преку реформскиот План 3-6-9 којшто, економските модели за олеснувања на граѓаните, заедно со добрите односи со сите соседи. што треба да и овозможи на Македонија исчекори во европските и НАТО аспирациите.

„Има причини Македонија да направи чекори напред во ЕУ и НАТО интеграциите и очекуваме тоа да се случи“, рече премиерот Заев.

На средбата на претседателот на Владата, Заев и српската амбасадорка Дивјак – Томиќ е договорено да се направи рекапитулар на потпишаните, а досега нереализирани документи за соработка помеѓу двете држави и да се пристапи кон нивна скорешна имплементација.

Исто така се разговараше и за можноста за интензивирање на соработката меѓу на државите на општинско ниво, што може значително да придонесе во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на двете земји.