Петто издание на манифестацијата „Охридска софра“

Во атарот на селото Скребатно, на просторот од манастирскиот комлекс на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, денес во организација на локалната самоуправа, се одржа традиционалната манифестација “Охридска софра“. Манифестацијата пред бројните гости ја отвори претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска, која рече дека, благодарение на помагателите од угостителско -туристичкиот еснаф и вештите раце на оние кои се натпреваруваат во подготовка на највкусното ѓомлезе, денешниот настан може да се нарече и мал саем на дел од туристичката понуда на Охрид и неговата околина.

„Од година во година „Охридска софра“ се збогатува со нови содржини и станува препознатлив бренд, кој ја потврдува успешноста на нашиот пристап во креирањето на стратегии за развој на туризмот. Оваа атрактивна презентација на можностите за развој на руралниот туризам, е само мал дел од бројните манифестации со кои се збогатува туристичката понуда, не само во Охрид и брегот на Охридското Езеро, туку и во руралните средини кои изобилуваат со природни убавини и пленат со гостопримливоста на домаќините и вкусот на традиционалната кујна.

Само на ваков специфичен начин успешно се спојуваат убавините на природата и вкусот на традиционалните специјалитети на охридската софра. Се спојуваат вештинитите на вредните кулинари и занаетчиите, знаењето и искуствата на угостителските и туристичките професионалци, со што се надевам дека и оваа година,заедно ќе склопиме уште еден дел од убавата охридска приказна“ – истакна во своето обраќање Коњановска.

Во натпреварувачкиот дел во подготовката на ѓомлезето, годинава имаше 16 учесници, а специјална комисија ги одбра највкусните ѓомлезиња. Првата награда ја освои Николина Кантароска, второто место му припадна на Крсте Џуклески, а третата награда ја освои Илина Бимбиловска Коваческа.

На поширокиот простор од манастирскиот комплекс беа поставени штандови на кои можеа да се вкусат повеќе специјалитети од охридскиот регион.