Состанок за приоритетите со Светска банка во Владата на РМ

Владата на РМ и Светска банка имаат огромно преклопување во погледите како треба да се развива македонската економија во иднина, што е добро – оцени министерот за финансии Драган Тевдовски, по средбата која се одржи во Владата помеѓу регионалната директорка на Светска банка Линда Ван Гелдер и премиерот Зоран Заев и економските министри.

На средбата двете страни се согласија дека Светска банка ќе биде силен партнер на Македонија во развојниот и реформски процес во наредниот период. Во моментов банката поддржува активности во износ од 350 милиони американски долари, а на денешната средба во Владата се разгледани и можностите за Македонија да стане држава со високи приходи.

На средбата разгледани се приоритетите за поддршка во различни области, како подобрување на општинската инфраструктура, надградба и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, енергетска ефикасност, социјална заштита и транспарентност. Особено внимание посветено е и на управувањето со јавните финансии и на ефикасноста на јавната потрошувачка.

„МФ веќе започна да релизира многу од мерките кои што се истакнати во стратешки документи на СБ. Клучното е во областа на транспарентноста на јавните финансии. Во таа насока значајно е подобрено транспарентноста во известувањето за јавните финансии. Сега на сајтот на МФ може да се најдат месечни и квартални податоци за извршување на буџетот по буџетски корисници или општини. Подобрен е полугодишниот извештај за извршувањето на Буџетот. Постојат информации за доспеани, а неплатени обврски. Ние во овој домен работиме со СБ и на документ за чистење на овие обврски. Објавивме и граѓански буџет со намера подобро да биде информирана јавноста и да придонесеме за многу позначајно вклучување на граѓаните во креирање на буџетскиот процес“ – истакна министерот за финансии.

„Со владините претставници имавме конструктивна дискусија за Македонија да стане држава со високи приходи. Се заложуваме за формирање делотворно партнерство во делот на ефективно спроведување во насока на постигнување економски напредок и споделен просперитет на граѓаните. Разговаравме за низа меѓусебно поврзани области во кој реформите би можеле да и помогнат на Македонија да го постигне овој статус на земја со високи приходи. Макроекономска стабилност и одржливост на тој систем, интеграција во глобалната економија, деловно окружување поволно за инвестиции и раст на приватниот сектор, пристап на можности до сите граѓани, како и ефикасни и транспарентни институции“ – потенцира регионалниот директор на Светрска банка Линда Ван Гелдер.