Царовска на конференција на сиромашни и социјално исклучени лица „Работа, колку да не е без ич’’

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се обрати на шестата национална конференција на сиромашни и социјално исклучени лица во организација на Македонската платформа против сиромаштија. Настанот со наслов: ,„Работа, колку да не е без ич’’ беше посветен на лицата кои се вработени, но сиромашни.

Царовска укажа дека постои неповолна стартна позиција за креирање политики поради недостигот на релевантна статистика, затоа што истата се базира на податоци од пописот во 2002 година, а оттогаш состојбата во Македонија е многу изменета. Во таа насока, според податоци од Министерството за труд и социјална политика, 220 илјади работници, односно секој трет вработен е сиромашен, додека според одредени индикатори на Еуростат за 2015 година, 8,9 проценти од вработените се сиромашни.

Во однос на мерките кои ги презема новата влада, законските измени со кои се покачува минималната плата претставуваат прв чекор кон надминување на сиромаштијата кај вработените лица, со оглед на тоа што актуелниот износ е под линијата на сиромаштија.

Министерката се осврна и на проблемот со неформалната, сива економија. Луѓето кои собираат пластика, хартија, стакло, се исклучени од системот. Иако тие помагаат државата да го исчисти сметот, тие не се социјално обезбедени и немаат заштита при работа. Министерството заедно со Меѓународната организација на трудот ќе работи на подготовка на стратегија за неформалната економија, затоа што досега немало стратешки пристап кон ова прашање.

Во обраќањето беше спомнато дека за надминување на сиромаштијата кај вработените, клучна улога имаат синдикатите. Многу е важно тие да функционираат и да се грижат повеќе да бидат блиски со работниците, наместо со политичките елити. Ако имаме силни синдикати, многу помалку ќе зборуваме за кршење на работничките права. Во Македонија малку работници се свесни за нивните права или чувствуваат страв дека нема кој да ги заштити.

,,Ние нема да ги узурпираме синдикатите, туку ќе ги гледаме како еднаков социјален партнер со кого треба достоинствено и аргументирано да преговараме. Јакнење и ослободување на синдикатите од прангите на политичките партии е многу важно прашање”, изјави Царовска.

Во таа насока, во секоја приватна компанија со најмалку 20 вработени, ќе треба работните односи да се уредат и со колективен договор, покрај Законот за работни односи.

Во рамки на настанот, министерката Царовска одговараше и на прашања од присутните граѓани.