Европска недела на мобилност 2017

И оваа година, Министерството за животна средина и просторно планирање од 16-22 септември се вклучува во одбележување на ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ (ЕНМ) и по тој повод ги покани сите градови во државава во тој период да организираат настани посветени на одржливата мобилност во урбаните средини.

Тема на годинашниве активности е „Чиста, споделена и паметна мобилност” а настаните низ сите европски градови ќе се организираат под мотото “Споделувањето те движи напред“.

Како национален координатор, Министерството, покрај градовите од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини ги поканува и сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компаниии и целиот цивилен сектор во Република Македонија да се приклучат во одбележувањето на Европската недела на мобилност.

„На тој начин очекуваме да се постигне целта на ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ да се развие дијалог помеѓу сите засегнати страни за различни аспекти на движење (мобилност), да се предлагаат и тестираат иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт со што ќе се намали употребата на автомобили и ќе се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот.

Од друга страна откривајќи и користејќи ги заедничките форми на транспорт можеме да ги намалиме нашите трошоци и да ги намалиме емисиите на јаглерод и преку запознавање на нови луѓе да го направиме транспортот позабавен.

Паметната технологија, како што се апликации и онлајн платформи, веќе ни помагаат да се направи мобилноста поефикасна, заштедувајќи ни пари и заштитувајќи ја животната средина. Новите апликации овозможија споделувањето на транспортот да биде поедноставно од кога и да е порано.

Истражувањата покажуваат дека прифаќањето на заедничкото движење може да има позитивно влијание врз нашите градови: на пример, секој автомобил што се споделува за заеднички транспорт на патот заменува околу 15 приватни автомобили .

Споделување, исто така, ни овозможува полесно да ги комбинираме транспортните средства. Возење на автомобил, возење велосипед, јавен превоз – сето тоа е можно да се искомбинира доколку го споделуваме.“- информираат од Министерството.

Министерството особено ги охрабрува градовите да го одбележат 22 септември – Ден без автомобили, кога традиционално кај нас, а и во светот, се затвoра за сообраќај една или повеќе фрекфентни сообраќајници и се резервираат за велосипедисти, пешаци или за јавен транспорт.