Министерката Дескоска присуствува на Вториот светски конгрес на Отворени образовни ресурси (ООР)

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, учествува на Вториот светски конгрес на Отворени образовни ресурси (ООР), кој се одржува од 18 до 20 септември, во Љубљана, Словенија, во организација на УНЕСКО и Владата на Република Словенија.

Овогодинешната тема на конгресот е „ООР за инклузивно образование и образование со еднаков квалитет: од посветеност до акција”, а ќе бидат одбележани 15 годишнината од промовирањето на концептот на “Отворени образовни ресурси” од страна на УНЕСКО, како и 5 годишнината на Париската декларација за ООР.

Концептот на “Отворени образовни ресурси (ООР)“ се однесува на сите образовни ресурси кои се отворени и достапни за слободна употреба за едукативни и истражувачки цели. На тој начин им овозможува на сите можност за подобрување на квалитетот и проширување на пристапот до учебници и други форми на едукативни содржини за да се катализира иновативната употреба на содржината и да се поттикне создавањето на ново знаење.

Целта на Конгресот е да се истражат можностите за создавање на уште поголема достапност на ресурсите во образованието, да се промовираат најдобрите светски практики и да се дадат препораки за унапредување на достапноста на едукативните содржини.