Во организација на Секторот за заштита на животната средина и управување со отпад при општина Охрид, денес беше одблежан светскиот ден без автомобили. Заменик градоначалникот Ангел Јанев нагласи дека одбележувањето на овој ден е потсетување дека загадувањето на атмосферата преку издувните гасови на автомобилите е една од главните причини за климатските промени што се случуваат низ светот.
„Во што поголем број да им се придружиме на останатите градови во земјава и светот и кон пораките за зачувување на чистата средина и чистиот воздух. Ние сме свесни дека сообраќајот во Охрид е преоптоварен од една страна, но свесни сме и дека сите напори на локалната се насочени кон тоа да се направат нови патеки, како за пешачење, така и за велосипедизам. Ние имаме велосипедски патеки, но не ги користиме онака како што треба. Некаде тие се дел од тротоарите, некаде дел од коловозите, но некако нашите навики тешко ги менуваме. Да се користат постоечките патеки на начин кој е најбезбеден за корисниците“. – изјави Јанев.
Претседателот на Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот Стефан Димоски, потенцира дека велосипедот не треба да се користи само еден ден во годината, туку во текот на сите денови кога тоа го дозволуваат временските прилики.
„Урбаниот велосипедизам во Охрид треба од ден на ден да добива се поголемо значење како модерен и здрав начин на живеење. Во таа насока Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот реализира низа проекти кои го издигнуваат велосипедизмот на едно повисоко ниво. Во таа насока, активно работиме на реализација на проектот Патека за секоја охридска улица. И оваа година ќе се обидеме да делуваме кај локалната самоуправа за еден импулс повеќе во реализација на проектот и сметам дека велосипедистите треба да го имаат значењето во сообраќајот кое го имаат секаде во светот. Ќе делуваме во насока на подигнување на степенот на безбедноста на велосипедистите“. – изјави претседателот на ОСБС, Стефан Димоски.
На манифестацијата зедоа учество поголем број млади луѓе, кои нагласија дека возењето велосипед за нив претставува задоволство и дека секојдневно го користат како превозно средство.