Универзитетски професори, практичари, претставници на НВО секторот и креатори на политики во посета на ОУ „Братство-Единство“

Во текот на денешниот ден,  ОУ „Братство Единство“ од Охрид ќе биде посетено од делегација универзитетски професори, практичари, претставници на НВО секторот и креатори на политики од четири земји: Северна Ирска, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, кои ќе бидат запознати со голем број мултиетнички активности кои се спроведуваат во училиштето.

По тој повод гостите во 16 часот ќе проследат приредба од страна на учениците и видео преку кое ќе биде промовирано училиштето како модел училиште. Оваа посета е резултат на вклученоста на Македонија и училиштето „Братство Единство“ од Охрид со свој претставник, наставникот по информатика Марија Пупиноска-Гогова, во меѓународната мрежа на земји кои меѓусебно разменуваат знаењата и искуства  околу прашања поврзани со интегрираното образование во мултиетничка средина. Наставничката Пупиноска-Гогова, во април 2017 год., беше дел од истава делегација во Белфаст – Северна Ирска, каде посети повеќе основни и средни училишта, проследи голем број активности и современи методи на работа со ученици, вклучени во интегрирана настава наречена „Споделено образование“. Искуствата кои се пренесени во училиштето секако се од голем придонес за наставниците кои реализираат квалитетна интегрирана настава и голем број мултиетнички вон-наставни активности.