Македонскиот репрезентативец Адис Јаховиќ денес успеа да направи подвиг за својот клуб Гозтепе, кој денес забележа значајна победа во гости против Сиваспор.
Најпрво, во 16 минута Јаховиќ си постигна „ефектен“ автогол со глава, по што Сиваспор поведе со 1:0. Но, Јаховиќ успеа да ја поправи својата грешка во 33 минута кога изедначи на 1:1, а во судиското надополнување од првото полувреме (45+2) прецизно биеше од белата точка за да му донесе предност на неговиот тим од 1:2.
Во второто полувреме повторно беше досуден пенал за Гозтепе и повторно прецизно го изведе Јаховиќ со што го постигна својот хет-трик и го доведе неговиот тим во водство од 1:3. До крајот на натпреварот домашниот тим успеа само да намали на 2:3.
По 6 одиграни натпревари, Гозтепе е на делба на второто место заедно со Бешикташ со по 13 бодови, додека пак Галатасарај е на првото место со 16 бодови.
Јаховиќ има 6 постигнати голови на 6 натпревари и се наоѓа на третото место на листата на стрелци во Турција, зад водечките кои имаат постигнато по 7 голови.
WebOhrid
https://youtu.be/fSyu0K3xaSY