Стојаноски: Сакаме да создадеме општина во која ќе се намалат разликите помеѓу градските и приградските населби

Потребите на секој граѓанин ни се од најголема важност. Општините се тука за да обезбедат соодветна, здрава и корисна инфраструктура за сите. Токму затоа, го санираме и довршуваме колекторскиот систем, затоа што тоа е најголем механизам за заштита на нашето езеро. Поставуваме нова мрежа, но ја санираме и старата која често е причина за поплавени улици и загадување на езерото. Со ваквата санација на постојниот колекторски систем и доизградба на нова мрежа и пречистителни станици ќе се подобри неговата функционалност. За овој значаен проект имаме сигурен и отворен пријател во Владата на Република Македонија која веќе ги направи првите чекори за пронаоѓање на партнери кои би се зафатиле со овој проект. Ова денес го изјави кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Јован Стојаноски.

Стојаноски рече дека подеднакво се посветени и на урбаните и на руралните средини, бидејќи како што кажа сакаат да создадат општина во која ќе се намалат разликите помеѓу градските и приградските населби. Предвидуваат реконструкција на постоечката и изградба на нова улична патна мрежа во приградските населби.

„Нудиме нови решенија во водоснабдувањето, посебно во местата кои во летните месеци или воопшто немаат вода или се соочуваат со слаб притисок на истата. Предвидуваме и четири нови спортски сали во училиштата, фабрика за отпад, но и гасификација на Охрид, проект со кој секое охридско семејство ќе заштеди во својот буџет. Охриѓани не заслужуваат поплавени улици, колектор кој го загадува езерото, не заслужуваат во 21 век приградски населби кои немаат вода за пиење и пристојни улици. По 15ти октомври градиме по план-инфраструктура за сите!“-додаде Стојаноски.

WebOhrid