Утре ќе се реализира хуманитарната акција „За посреќно детство“

Со „главна трка“ од плоштадот „Крушевска република-Чинар“ до градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“ во Охрид, утре во 11:00 ч. започнува големата хуманитарна спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“. Бројни спортски содржини, многу награди, забава, едукација и дружење ќе бидат обележје на овој настан, кој во организација на Црвен крст Охрид во партнерство со Стоматолошкиот центар Др.Баткоски ќе се реализира на градскиот плоштад Св.Климент Охридски во Охрид.

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 30 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата ќе бидат наменети за помош на децата од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, баскет, одбојка, ракомет, тенис, бадминтон, шах, пикадо, хокеј на трева, возење велосипед, аеробик и друго, и станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (седумдневно зимување на Златибор, петдневен престој во Крагујевац, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо на телевизија ТВМ, на 21.10.2017 г. со почеток во 18 ч.

Организаторите на оваа хуманитарна спортско-рекреативна акција најавија многу изненадувања и ги повикаа охриѓани и гостите да бидат дел од овој настан.

Овогодинешната хуманитарна спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО 2017“ се реализира во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“, и Сојузот на училишен спорт од Охрид.

Манифестацијата ќе се реализира во сабота, 30 септември на платото на Градскиот плоштад, пред градската библиотека и Центарот за култура „Григор Прличев“.