Николески: Носиме живот за сите, создаваме образование за сите

Охрид е град на светоста, град на просветата, град на науката. Во тој дух, наша најзначајна мисија е да го вратиме достоинството во образованието, да создадеме услови за соодветна професионална наобразба на наставниот кадар. Посветени сме на создавање на адекватна инфраструктура, ги обновуваме училниците и тоалетите. Предвидуваме изградба на четири нови спортски сали во рамки на основните училишта „Ванчо Николески“ во Лескоец, „Кочо Рацин“, „Братство Единство“ како и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Ова денес го најави кандидатот за советник од редовите на СДСМ Охрид, Ристо Николески.

„Работиме на создавање на позитивна клима во која наставникот ќе биде мотивиран да даде повеќе, а ученикот да научи повеќе. Затоа организираме семинари за наставниот кадар за тоа како да се мотивираат учениците, како да се работи во групи, да се развиваат дебати. Организираме редовна настава во природа. Работиме во сегашноста за да ја создадеме иднината. Токму поради тоа, предвидена е додатна настава за талентирани ученици за развој на нивните вештини. Во охридската гимназија, поткровјето го приспособуваме за современа настава во кабинети, лаборатории и читални. Им помагаме на младите средношколци во изборот на нивната идна професија. Создаваме советувалиште за академско и професионално образование. Доделуваме бизнис стипендии за учениците и воспоставуваме врска помеѓу бизнис секторот и стручните училишта. Креираме советувалиште каде што ќе се покрене широка кампања за намалување на толеранцијата на насилство. Предвидуваме изградба на регионален центар за обука на наставен кадар во соработка со Министерството за образование во училиштето во с.Трпејца. Во основното училиште „Св.Климент Охридски“ креираме училиште од меѓународен отворен карактер. За да го зачуваме здравјето на учениците, отвораме кантина во рамките на училиштата во која би се подготвувале здрави оброци. Носиме живот за сите, создаваме образование за сите.“- истакна Николески.

WebOhrid