Средба на министерката Шекеринска со бригадниот генерал во НАТО Маријан Јелениевски

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со воена делегација од НАТО предводена од бригадниот генерал Маријан Јелениевски, заменик директор на секторот за безбедносна соработка на НАТО.

Целта на посетата на воената делегација од НАТО беше да се иницира продлабочена соработка меѓу НАТО и Армијата на Република Македонија.

Генералот Јелениевски рече дека засилената политичка активност на Република Македонија кон НАТО треба да се поддржи со поблиска воена соработка, и понуди три предлози за зголемување на воената соработка помеѓу воената структура на НАТО и Армијата на Република Македонија.

1. Штабни разговори на експертско ниво еднаш годишно. Експерти од НАТО и АРМ да разговараат за прашања од заеднички интерес.

2. Редовен годишен состанок на Воениот комитет на НАТО со АРМ ( формат 29+1).

3. Подобра репрезентација на АРМ во НАТО структурите преку упатување на национален воен претставник на Република Македонија во Сојузната команда на НАТО (SHAPE) и пополнување на позиции за партнерски штабни офицери во воените команди на НАТО.

Министерката Шекеринска рече дека Министерството за одбрана и Владата даваат не само поддршка, туку и силен поттик на предлозите за подобра воена соработка. Изрази јасна поддршка за директна комуникација меѓу АРМ и воениот сегмент на НАТО, како и за идејата за одржување на годишни состаноци меѓу Воениот комитет на НАТО и АРМ.

„Верувам дека без соработка на МО и АРМ нема да има прогрес, а поблиската соработка на НАТО и АРМ може да биде само од корист и за членството на Македонија во НАТО и за подобрување на статусот на Армијата“, рече Шекеринска и потенцираше дека стратешки приоритет за државата е членството на Република Македонија во НАТО, како и демократските реформи и реформите во одбраната.