Доделени сертификати за завршена обука за работно–ориентирана рехабилитација

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации Луиза Винтон присуствуваа и се обратија на свеченото доделување на сертификати на 15 професионалци и 23 корисници од Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ – Струмица по завршувањето на стручната обука за работно–ориентирана рехабилитација.

Имено, во изминатите 10 месеци, Министерството за труд и социјална политика, заедно со Програмата за развој на Обединетите нации, Општина Струмица и другите национални партнери, работеше на овој пилот проект кој е директно насочен кон лицата со попреченост сместени во Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ – Струмица, за нивно работно оспособување и вклучување на пазарот на трудот.

,,Вклучување и вреднување на сите луѓе во нашето општество е целта кон која се стремиме. Ова е мал, но значаен исчекор кон обезбедување услови и средина за коренити промени во третманот на лицата со попреченост кои сакаат и можат да бидат работно ангажирани“, изјави министерката Царовска. Инаку, Република Македонија ја ратификуваше Декларацијата за правата на лицата со попреченост во 2011 година и Владата цврсто стои на ставот дека начелата од Декларацијата ќе ги преточи во реални можности и отворени врати за лицата со попреченост.

Во овој проект вкупно беа вклучени 23 лица за кои реномираната австриска компанија за рехабилитација- ББРЗ, изготви индивидуални планови кои имаа за цел да ги трасираат нивните лични афинитети, желби, способности, но и да ги зголеми нивните работни капацитети. Со овој проект се прави мал, но значаен исчекор кон обезбедување услови и средина за коренити промени во третманот на лицата со попреченост кои сакаат и можат да бидат работно ангажирани. 15-те професионалци кои ја поминаа обуката за “case manageri” се пионери и движечка сила која треба да донесе промени во работењето на ваквиот тип на институции. Владата и Министерството за труд и социјална политика, со сите капацитети работи во правец на остварување на мотото – еднаква шанса за сите!