Мерките во Планот 3-6-9, во надлежност на Владата на РМ, целосно се реализирани во предвидениот рок

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска претседаваше со работата на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, програма со временски одредени активности со кои се реализираат реформите во повеќе области од надлежност на Владата на РМ, на оделните министерства и на други владини агенции и институции, поврзани со процесот за евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, информираше дека во првите три месеци се реализирани сите мерки кои се во надлежност на Владата на Република Македонија, односно 58 активности. Работната група беше информирана дека во тек е реализацијата на уште15 мерки, од кои најголемиот дел не се во надлежност на владата.

Имплементацијата на овие мерки ќе продолжи во наредниот период, и со тоа мерките предвидени во првите три месеци, ќе бидат целосно остварени.

На денешната седница на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, беше констатирано дека и покрај предизборната кампања, фокусот на Владата на Република Македонија е насочен кон имплементацијата на Планот 3-6-9, и дека нема никаков застој во процесот на спроведување на итните реформски приоритети.

Во согласност со препораките на Европската Комисија, соодветно и на итните реформски приоритети што произлегоа од двата извештаи на експертите на Европската Комисија предводени од групата експерти предводени од Рајнхард Прибе, во следните три месеци од Планот 3-6-9 најголем акцент ќе се стави на реформите во правосудството, разузнавачките и безбедносните служби, јавната администрација и реформите во областа на медиумите и граѓанското општество.

Ресорните министри задолжени за реализација на мерките предвидени во областите за наредните три месеци, на денешната работна сесија на Министерската група, се осврнаа на предлог-мерките за следните 3 месеци од Планот 3-6-9, донесоа одлука за одржување консултативни средби со претставници на граѓанскиот сектор, опозицијата и други релевантни државни институции, од кои се очекува придонес за мерките во правосудството, разузнавачките и безбедносните служби, јавната администрација и реформите во областа на медиумите и граѓанското општество во одредницата од 6 месеци во Планот 3-6-9.

Денешната седница на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, е дел од мониторинг механизмот што го воспостави Владата на РМ, преку кој редовно, на неделна основа, се следи имплементацијата на планот, за што соодветно се информираат Собранието на РМ, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ, како и експертската и пошироката јавноста.