Кандидатот за Градоначалник на општина Дебрца, Зоран Ногачески, испрати реакција до медиумите во која стои:
„Трајкоски мојот образ е чист, ај погледни си го твојот!?
Трајкоски соочен со изборниот дебакл што ќе го претрпи на 15 Октомври, од ден на ден се повеќе и повеќе тоне во сопствената мизерија.
Пред некој ден преку нарачан текст од дијаспората се обидоа да го нарушат моето човечко достоинство и да ми го сомничат потеклото.
Еве, за сите, јас сум од Волино, тука во оваа стара куќа растев, се школував, оформив семејство, тука живеам и тука ќе живеам.
Ова е мојата семејна куќа во Волино. И не се срамам од тоа каква е. Ја наследив од моите покојни родители, чесни луѓе – земјоделци кои ме извадија на вистинскиот, чесниот пат.
Освен семејнава куќа поседувам патничко возило, Југо од 2005 година и 2,5 хектари земјоделско земјиште.
Ајде биди доблесен Трајкоски, кажи што Ти поседуваше пред 4 години, а што поседуваш денес?
Кажи како успеа за 4 години со градоначалничката плата да купиш стан во Скопје, на улица Балзакова бр.10?
Како успеа да купиш две патнички моторни возила?
Како успеа да ја реновираш семејната куќа во Ботун?
Како успеа да ја реновираш куќата во Охрид на улица Абас Емин која твојот татко ја има наследено од блиски роднини, а во која Ти живееш?
Колку пари од општината и пренесе на твојата сестра?
Зошто едни исти фирми ги земаа тендерите, и колку провизија им зеде?
Јас сум чесен и честит човек и се што сум постигнал, сум го постигнал со труд.
Толку сум можел, толку сум направил.
Образот ми е чист и таков ќе ми остане и по завршувањето на мандатот по четири години.
Трајкоски, а дали твојот образ е чист?“ – стои во реакцијата од Зоран Ногачески, кандидат за Градоначалник на општина Дебрца од Коалицијата „Живот во Македонија за сите“, предводена од СДСМ.