Развој на националната спортска структура во борење

Македонскиот олимписки комитет (МОК) на барање на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), обезбеди и целосно финансиски ќе ја покрие едногодишната програма која е одобрена од Обединетото светско борење (UWW) и од страна на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), наречена „РАЗВОЈ НА НАЦИОНАЛНАТА СПОРТСКА СТРУКТУРА ВО БОРЕЊЕ“.

Оваа програма ќе ја води истакнатиот светски експерт по борење, Кирил Ватев од Бугарија. Тој со македонските тренери ќе работи во однос на подобрување на комбинираните технички карактеристики и активности во борењето, изградба и потенцирање на основните индивидуални карактеристики на борењето, на откривање, селекција, идентификација и привлекување на млади таленти во борењето, креирање и развој на Национална стратегија во борење, микро и макро планирање на тренажниот процес за борачи пионери, кадети, јуниори и сениори и многу други теми од интерес за соодветен и долготраен развој на борењето.

Оваа програма ќе биде и е отворена за сите борачи, борачки клубови и силни боречки имиња од минатото кои македонското борење ги имало во изминатиот период и кои сакат да придонесат борењето повторно да ги завземе врвните позиции на светско ниво, позиции кои треба да се заслужат со квалитетна и напорна долгорочна работа.