Дескоска дел од завршната конференција на твининг проектот за подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации

Министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, денеска присуствуваше на завршната конференција на твининг проектот за подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации. Покрај министерката Дескоска, свои обраќања имаа и амбасадорите на Република Хрватска и Полска, Н.Е. г-ѓата Данијела Баришиќ, односно Н. Е. г-динот Јацек Мултановски, како и раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, г-динот Никола Бертолини.

Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна дека сите вклучени во образовниот процес, но и во реформите во образованието треба да бидат свесни дека квалитетот на образованието е примарна цел и инструмент за градење доверба. “Само стандард кој гарантира квалитет може да биде почитуван и релевантен. Затоа во градењето квалификации нам ни е потребно тие да гарантираат квалитет и споредливост за да бидат препознаени во меѓународен контекст“, потенцираше министерката Дескоска.

На денешниот настан се обрати и раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, г-динот Бертолини кој истакна дека квалификациите единствено имаат вредност доколку образовната заедница, работодавците и општеството имаат доверба во стандардите на знаење, вештините и компетенциите поврзани со квалификациите.

Овој проект ќе придонесе за понатамошна имплементација на Националната ранка на квалификации, која е поврзана со Европската рамка на квалификации. Како таква НРК претставува значаен инструмент за креирање политики за промовирање на мобилноста и доживотното учење како на национално, така и на европско ниво и има одлучувачка улога во подобрување на транспарентноста на националните квалификации, подобрување на квалитетот на квалификациите и нивната важност на пазарот на труд, иницирање на реформи во образовните политили и засилена комуникација со сите чинители и проширување на можностите за признавање на претходното учење во рамките на системот на квалификации.