Ногачески: Трајкоски времето на твоите лаги и владеење заврши

Кандидатот за градоначалник на општина Дебрца, Зоран Ногачески, од Коалицијата „Живот во Македонија за сите”, предводена од СДСМ, денес испрати реакција до медиумите, во која се вели:

„Трајкоски, искрено Те жалам, што од ден на ден се повеќе тонеш и го достигна дното.

Еве, денес си го објавил Договорот што во 2012 година општина Дебрца го склучи со Македонското Еколошко Друштво, за кое општината доби средства за Проектот-Промоција на Белчишкото Блато. И притоа шириш ноторни лаги, тврдејќи дека тоа бил фиктивен договор, инсинуирајќи дека јас сум ги потрошил парите за проектот.

На лагите кратки и се нозете-вели нашиот народ. Општина Дебрца беше само имплементатор на проектот, јас бев координатор на проектот, а парите ги донираше Македонското Еколошко Друштво. И никој донатор не дава пари, ако не си го направил она за што си аплицирал. Никогаш ниту сум располагал со општински пари, ниту сум бил потписник на општинските сметки.

Ти добро знаеш за што беа искористени тие средства, оти ако беа фиктивно потрошени ќе поднесеше кривични пријави, како што ми поднесе пријави за глупости и кои експресно беа одбиени од Јавното обвинителство.

За граѓаните да знаат, еве Ти повторувам, дека тие средства беа потрошени за изработка на три информативни билборди за Белчишкото Блато, на едниот од нив што сте го уништиле, во центарот на Белчишта, денес Ти ги лепиш плакатите со Твојот лик, беа изработени десетина патокази за Белчишкото Блато, подготвено и објавено промотивно видео за Белчишкото Блато, кое можеш да го најдеш на Youtube, и подготвена и испечатена промотивна брошура во голем број на примероци, на македонски и англиски јазик, кои можеш да ги најдеш кај Твоето одговорно лице за промоција на руралниот туризам и кои и Ти ги користеше кога “ветуваше” дека Белчишкото Блато ќе го направиш туристичка дестинација.

Трајкоски, не мачи се да бараш мои криминални дејанија низ архивата на општината. Такво нешто нема да најдеш.

А, за Тебе не сум сигурен. Ќе видиме по 15 Октомври.

Те уверувам дека ако ревизијата најде и трошка незаконско постапување, се ќе биде процесуирано и ќе има одговорност. За сите!“- стои во реакцијата.