Ставрески: Ги подобруваме условите за развој на спортот во Охрид, работењето на клубовите и развој на спортскиот туризам

Основниот услов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреација, е постоењето на доволен број спортски објекти. Работата на спортските организации е невозможна, без адекватен спортски објект. За таа цел, создаваме модерен спортски комплекс во рамки на спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ кој ќе опфаќа отворени и затворени спортски објекти, кои ќе бидат физичка, функционална и техничко-технолошка целина со сите потребни инсталации, реквизити и опрема наменети за различни спортски активности. Ова го истакнана денешната прес-конференција, кандидатот за советник од СДСМ и коалицијата, Сашо Ставрески.

„Со вложувањето во модернизација на спортските објекти, ги подобруваме условите за развој на спортот во Охрид, работењето на клубовите и развој на спортскиот туризам. Со создавање адекватна спортска инфраструктура, го остваруваме сонот на секој охриѓанец, покрај ракометот и кошарката, да имаме и други квалитетни екипи кои ќе бидат во врвот на македонскиот спорт. Дополнително, го зголемуваме бројот на домашни и странски екипи кои доаѓаат на подготовки во Охрид.“- истакна Ставрески.

Како што рече Ставрески, во спортот вложуваат и преку новите училишни спортски сали кои ги предвидуваат во основните училишта „Братство Единство“ во Лескајца, „Кочо Рацин“, потоа „Ванчо Николески“ во Лескоец и стручното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.

„Правилниот раст и развој на децата преку спортување е од повеќекратно значење. Натпреварите на спортските училишни тимови во општински и регионални лиги, привлекуваат голем број деца да спортуваат и да изградат здрав дух и здраво тело. Со овие инвестиции, многу деца добиваат можност за секојдневни спортски активности. Организираме и месец на спортот кога спортските објекти низ градов, ги отвораат своите врати за бесплатно спортување на младите во текот на месецот на спорт.“- додаде Ставрески.

WebOhrid