Демиров: Работиме на подобрување на условите за живот на сите граѓани

Овие луѓе зад мене гарантираат живот за сите во Охрид. Ние цврсто стоиме на тоа. Наша заедничка цел е од Охрид да направиме општина за сите, општина во која сите граѓани се еднакви, општина во која сите имаат исти можности да успеат во животот. Токму затоа создаваме отворена и услужна општина за сите. Работиме на подобрување на условите за живот на сите граѓани. Ова денес го истакна кандидатот за советник на СДСМ и коалицијата, Бесим Демиров.

„Со тоа веќе започна Владата на Република Македонија, која е наш партнер и пријател. Новата влада е одлучна во намерата парите да се вратат кај граѓаните, а таа определба започна со зголемувањето на минималната плата, укинувањето на радиодифузната такса, воведувањето на ефтината тарифа на струјата. Тоа се пари кои граѓаните ги заштедуваат, тоа се пари кои остануваат во џепот на граѓанинот. Младите ги задржуваме тука. Овозможуваме поддршка во изборот на нивната професија, обезбедуваме можности за практична работа во соработка со локалните фирми. Бараме од сите фирми кои добиле општински средства, да гарантираат дека ќе обезбедат практична работа за млади во нивните фирми.“- изјави Демиров.

Како што рече Демиров, СДСМ обезбедува инфраструктура за сите.

„Ја довршуваме атмосферската канализација на улицата Сатеска, го менуваме старото осветлување со ново. Оваа урбана заедница хортикултурно ја уредуваме, поставуваме тротоари каде што ги нема. Ги подобруваме и условите во ОУ „Св.Климент Охридски“ во населба Далјан со изградба на спортска сала и реконструкција на тоалетите во училиштето. Ги затвораме и бајпасите на колекторот пред игралиштето во Воска. Наша мисија е преку посветено, одговорно и домаќинско работење да ги подобриме условите за живот на сите граѓани, да ги зголемиме можностите за социјален и економски развој. Создаваме општина за сите.“- додаде Демиров.

WebOhrid