МВР ќе преземе се што е потребно за граѓаните непречено да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата волја

Министерствотo за внатрешни работи апелира до политичките партии и нивните симпатизери да ги почитуваат изборните правила, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир, бидејќи секакво однесување спротивно на законите МВР нема да го толерира. МВР ќе превземе се што е потребно во недела, 15 октомври, граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата политичка волја.

Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку недели превзеде низа мерки и активности во насока на максимално обезбедување на мирни, фер и демократски избори во Република Македонија. Исто така во рамки на сите организациони единици коишто непосредно ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на изборниот процес согласно законските обврски и надлежности, а во тесна соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, завршена е обуката на полициските службеници, изготвени се програми и планови за работа и следење на текот на изборите коишто ќе бидат координирани од посебен оперативен штаб на ниво на министерството, како од аспект на јавниот ред и мир, така и од аспект на спроведување на нормите од изборното законодавство.

Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок ги расчисти сите изолирани инциденти кои се случија во предизборната кампања, а на ист енергичен начин ќе се постапува и во преостанатиот период, како и на самиот ден на изборите. Потенцираме дека е забрането било какво учество на полициските службеници во политичка пропаганда за било која од политичките партии, бидејќи тие треба да бидат во служба на граѓаните, а не во служба на политичките партии. Внатрешната контрола на МВР веднаш ќе реагира во било каков случај каде има индиции за злоупотреба од страна на полициски службеник.