Македонија-Албанија: Воените генерали не чекаат како НАТО сојузници

Во Елбасан, во присуство на првите луѓе на сојузите на албанските воени старешини – ветерани и на македонскиот Сојуз на ветераните од одбраната и безбедноста, генералите Колонел Кондури, односно Филип Котели, потпишан е Меморандум за соработка измеѓу ветераните од административниот центар Елбасан со околиите: Елбасан, Грамши, Либражд и Пеќин и ветераните од Здружението за Охрид, Струга и Дебар.

Документот го потпишаа претседателите на ограноците за Елбасан – генерал Томор Аслани и неговиот колега за регионот на Охрид, Струга и Дебар – полковник Добре Вељаноски.

„Ќе се помагаме и ќе се поддржуваме во решавање на проблемите на нашите две држави, но и на меѓународната сцена. Ќе работиме на унапредувањето на нашиот статус, зашто не сите власти гледале добронамерно и благонаклоно кон нас. Соработката ќе биде искрена и колегијалноста меѓу двете организации и пред се, аполитична меѓу двете страни, како и почитување на членството без оглед на етничките и верските основи. Овој меморандум има голема важност не само за областите Елбасан и Охрид со околните градови, туку и за двете пријателски земји.“ – рече првиот човек на албанската асоцијација на ветераните од одбраната и бебедноста Колонел Кондури.

Македонскиот генерал во пензија, охриѓанецот по потекло Филип Котели, им ги освои срцата на албанските колеги, кога им кажа дека ги поздравува од центарот и срцето на пријателска Албанија, од градот со 2.000 годишна историја Елбасан.

„Ви ги пренесувам најискрените поздрави на околу илјада поранешни воени старешини, организирани во централно раководство во Скопје и во уште 13 општински и регионални здруженија. Со вас, поранешни албански воени старешини и раководители, соработуваме на централно ниво, но и со ваши регионални асоцијации во Поградец, Пешкопеја и други места. Од денеска официјално и со здружението за Елбасан, односно од наша страна она, кое ги покрива градовите Охрид, Струга и Дебар, најблиски до Албанија.“ – потенцираше генерал Котели.

Нема што да додадам, вели претседателот на асоцијацијата за Елбасан, генерал Томор Аслани, кој со неговиот колега за регионот на Охрид, Струга и Дебар, полковник Добре Вељаноски, го потпишаа Меморандум за соработка. И двајцата нагласија дека тие и досега соработувале, ова било само официјализирање на неколкугодишното среќавање. Полковник Добре Вељаноски на својот колега му врачи Плакета и други реквизити со симболот на здружението на македонските ветерани.

Албанските генерали, им рекоа на своите македонски колеги дека ги чекаат во НАТО, додавајќи дека тие веќе ги чувствуваат за рамни на себе и како веќе да се во НАТО.