Состојба на избирачките места – Локални избори 2017

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 2.500 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.100 набљудувачи кои покриваат околу 50% од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Дополнително, 81 набљудувач ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи.

  • Гласачките места 1565, 1566, 1566/1, 1567 кои се наоѓат во ОУ “Кирил и Методиј“ во село Злетово, општина Пробиштип се отворени со 15-минутно задоцнување поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.
  • ГМ 0887 во општина Чешиново-Облешево е отворено со 20-минутно задоцнување исто така поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.
  • ГМ 0249 во општина Македонски Брод е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што избирачкиот одбор доцнел со уредувањето на гласачкото место.
  • На ГМ 1860 во општина Струга, на почетокот од гласањето избирачкиот одбор откинал 3 гласачки ливчиња од кочанот заедно со серискиот број, по што гласачите ги ставиле во гласачките кутии.
  • На ГМ 0689 во општина Кавадарци, гласачко ливче е откинато заедно со серискиот број од кочанот. Ливчето било ставено во плик кој бил затворен, а на гласачот му било издадено ново гласачко ливче. Направен е записник за случајот.
  • На ГМ 1076 во општина Куманово гласањето било прекинато половина час поради тоа што не работела УВ ламбата.
  • На ГМ 1117 во општина Липково УВ ламбата не се користи во сите случаи. Избирачкиот одбор не реагира.
  • На ГМ 1859/1 во општина Струга гласач ги фотографирал гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија, по што избегал од гласачкото место.
  • ГМ 0001, општина Берово, откинати биле 5 гласачки ливчиња заедно со серискиот број. ИО направил записник за тоа и гласањето продолжило.
  • ГМ 2753, општина Аеродром, на скоро 60 гласачи им биле дадени гласачки ливчиња заедно со серискиот број. По реакција на гласач, ИО започнал да ги откинува ливчињата без серискиот број. Дополнително, претседателот на ИО не соработувал со набљудувачот на МОСТ
  • ГМ 0866, село Мојанци, општина Кочани, 3 случаи на семејно гласање во кои биле злоупотребени 6 гласови. Избирачкиот одбор не реагирал.
  • ГМ 2273, општина Штип, 7 гласачи не биле проверени со УВ ламба. Дополнително, ИО ги чита на глас имињата на гласачите.
  • ГМ 1375, општина Прилеп, гласач не можел да гласа зашто во избирачкиот список веќе имало потпис на негово место. Откако гласачот си заминал ИО увидел дека друг гласач со слично име по грешка се потпишал на неговото место. ИО не направил записник за ова.
  • ГМ 2653, Бардовци, општина Карпош, 4 гласачи не биле проверени со УВ ламба.
  • ГМ 2715, општина Аеродром, еден гласач бил испрскан со невидливиот спреј пред да биде проверен во избирачкиот список. Гласачот на бил во Избирачкиот список зашто не гласал на тоа гласачко место, па ИО не му дозволил да гласа. Гласачот отишол на гласачкото место каде што треба да гласа, но тамошниот ИО не му дозволил да гласа.
  • ГМ 2699, општина Аеродром, до гласачките кутии пронајдено е заокружено ливче кое не било ни превиткано. Откако ИО го забележал, го прогласил за неважечко и го ставиле кај неискористените ливчиња, бидејќи немале посебни пликови за да го спакуваат.
  • ГМ 2902, општина Чаир, на еден гласач му било издадено едно ливче повеќе бидејќи било залепено со претходното. ИО побарал инструкција од ДИК по што ливчето било ставено во посебен плик.
  • ГМ 2645, општина Карпош, на гласач му биле издадени 2 ливчиња за избор на градоначалник на град Скопје по што реагирал кај ИО, кој по проверка на кочанот со гласачки ливчиња приметил дека им недостигаат 2 ливчиња за градоначалник на општина и 2 ливчиња за градоначалник на град Скопје. Гласањето е прекинато, повикан е претседателот на ОИК Карпош и полицијата и направен е записник.
  • ГМ 1718, општина Струмица, во кочанот со гласачки ливчиња за градоначалник имало ливчиња за избор на градоначалник и совет на општина Велес. Гласањето било прекинато 15 минути.
  • ГМ 2581/1, општина Ѓорче Петров, гласањето било прекинато 1 час и 45 минути поради тоа што во кочанот со гласачки ливчиња за избор на градоначалник имало и ливчиња за избор на совет. ИО ќе го продолжи гласањето за онолку време колку што траел прекинот.
  • ГМ 0962, село Жидилово, општина Крива Паланка, гласањето било прекинато во период од 15 минути поради тоа што УВ ламбите не работеле.
  • Во гласачките места во ОУ Браќа Миладиновци во општина Аеродром има проблеми во функционирањето на УВ ламбите.
  • Што се однесува до шаблонот со Брајова азбука, во општина Тетово и во општина Боговиње избирачките места не добиле ваков шаблон.
  • ГМ 828 и 828/1, село Грешница, општина Кичево партиски активист со уште 2-3 неовластени лица агитираат во објектот пред просториите во кои се сместени гласачките места.
  • ГМ 1455, општина Прилеп, имало вербална расправија меѓу активисти на политички партии. Реагирала полицијата и ја смирила ситуацијата.
  • ГМ 1471, с. Дебреште, општина Долнени имало присуство на неовластени лица пред гласачкото место. Полицијата реагирала и ги отстранила.
  • Пред ОУ Петар Здравковски – Пенко имало конфликт помеѓу неовластени лица. Полицијата навреме реагирала и ги отстранила од местото.
  • ГМ 1720/1, општина Струмица, гласач го фотографирал гласачкото ливче, била повикана  полиција, а ливчето не било ставено во кутијата.
  • ГМ 2829, општина Чаир, гласач ги фотографирал ливчињата. ИО му ги одзел ливчињата и ги прогласил за неважечки.
  • ГМ 2728, општина Аеродром, гласач заборавил едно гласачко ливче позади параванот, а  во кутијата ставил 3 ливчиња. ИО забележал дека позади параванот има останато едно ливче, ја повикал ОИК, направиле записник, а ливчето го прогласиле за неважечко и го ставиле во посебен плик. Поради ова гласањето било прекинато 15 минути.
  • ГМ 2686, општина Аеродром, еден гласач ги ставил двете ливчиња за избор на градоначалник и совет заедно во една гласачка кутија. ИО повикал ги повикал ОИК и полицијата и направиле записник. Гласањето било прекинато околу 30 минути, по што продолжило.
  • ГМ 0307, општина Виница, најмалку 10 лица откако гласале, пред гласачките кутии ги отвориле гласачките ливчиња за да видат во која гласачка кутија да ги стават и јасно можело да се види за кого гласале.
  • Во околината на ОУ „Браќа Рамиз Хамид“ во општина Шуто Оризари, се делеле прехранбени продукти од различни политички партии. Дополнително, бил лепен пропаганден материјал.
  • ГМ 2762, општина Кисела Вода, на гласач кој имал траги од мастило не му било дозволено да гласа. Гласачот почнал да протестира, биле повикани претставници од ОИК кои на членовите на ИО им пренеле дека треба сами да одлучат дали ќе му дозволат да гласа. Гласачот почнал и да се заканува, по што членовите на ИО гласале и било одлучено да му се дозволи да гласа.
  • ГМ 1042/1, општина Куманово, ИО по грешка издал 2 ливчиња за избор на совет. Ја повикале ОИК и бил направен записник. Гласањето било прекинато околу 10-ина минути.
  • ГМ 2639, општина Карпош, на гласач му биле дадени 2 исти ливчиња по што гласачот реагирал и гласањето било прекинато 20 минути. ИО направил записник, на гласачот му било дадено соодветно ливче, по што гласањето продолжило.
  • ГМ 2737, општина Аеродром, на гласач му биле издадени 2 ливчиња од ист кочан. Гласачот ги заокружил, но пред да ги стави во гласачката кутија ИО забележал дека гласачот има 2 исти ливчиња, по што едното му го одзел и го ставил во плик за неважечки ливчиња, и му издал ново гласачко ливче. Направен бил и записник.
  • ГМ 0663, општина Каварадци, при откинување на гласачкото ливче од кочанот дел од ливчето останал недокинат, па гласачкото ливче било ставено во плик, бил направен зазписник, а на гласачот му било издадено ново ливче.
  • ГМ 1376, општина Прилеп, три неискористени ливчиња биле пронајдени позади параванот од страна на ИО. Гласањето било прекинато 10 минути, била повикана ОИК, направен бил записник, а ливчињата биле ставени во кутиите.
  • ГМ 1456, општина Прилеп, позади параван било пронајдено неискористено гласачко ливче, по што истото било ставено во гласачката кутија.
  • ГМ 0668, општина Кавадарци, 10 гласачи не биле проверени со УВ ламба.
  • ГМ 0741, општина Кичево, 7 случаи на семејно гласање, при што биле злоупотребени 17 гласови, а Избирачкиот одбор не реагирал.
  • ГМ 0998, општина Куманово, ламбата не работи пола час, а ИО не реагира.
  • Пред ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино има неовластени лица со списоци.
  • ГМ 2469, општина Чучер-Сандево, околу 13 часот гласач сакал да гласа во име на негово блиско лице. Откако ИО не му дозволил, лицето се обидело да го одземе гласачкото ливче, по што гласањето било прекинато и била повикана полиција. Откако полицијата направила увид и бил направен записник од страна на полицијата и ИО, гласањето продолжило. Прекинот траел 40 минути.
  • ГМ 1273, општина Охрид, гласач го фотографирал гласачкото ливче и го ставил во гласачката кутија. Била повикана полицијата која го привела гласачот.
  • ГМ 2699, општина Аеродром, било пронајдено неискористено ливче позади параванот. ИО го прогласил ливчето за неважечко.
  • ГМ 2576/1, општина Ѓорче Петров, гласач ги фотографирал гласачките ливчиња, ИО повикал полиција и гласачот бил приведен. Гласањето било прекинато 10 минути, а ливчињата биле поништени.
  • ГМ 2653, општина Карпош, гласач оставил 2 ливчиња позади параванот, ИО забележал дека се таму, го повикал гласачот назад, но тој не сакал да гласа, по што ливчињата биле поништени.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

Проектот „Домашно набљудување на локалните избори 2017“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Швајцарската агенција за развој и соработка, Националниот фонд за демократија и УСАИД преку Националниот демократски институт.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.