Народен Театар Битола со „Последната ноќ“ во сабота ќе гостува во Охрид

Народен Театар Битола во сабота, 28ми октомври ќе гостува во Охрид со претставата „Последната ноќ“ од Ингмар Вилквист, а во режија на Андреј Цветановски. Претставата ќе биде со почеток во 20:00 часот.

Во претставата играат: Марјан Ѓорѓиевски и Соња Михајлова. Превод: Ана Светозаров, Сцена: Сергеј Светозарев. Костими: Марта Дојчиновска, Музика: Димитар Андоновски. Картите по цена од 150 денари се веќе пуштени на билетарницата при театарот.

„Оваа претстава е обид да се покаже што прави надворешниот свет врз домот на едно семејство, како домот се растура под стегите на тоа што се случува надвор. Една фамилијарна приказна која е фантастично напишана и иако е драма за двајца, сепак зборува за историјата на човештвото, едно парче живот во кој се случуваат големи потреси во надворешниот свет, а со тоа и во нивниот изолиран внатрешен свет. Психолошка драма, која ги напаѓа сите сетила и емоции. Нешто што ги разрушува и уништува сите тие работи што семејството ги гради. Приказна што зборува за поинакво семејство, понижувано смејство, кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет“ – вели режисерот Цветановски.