Одбележан Денот на Обединетите нации: Во Македонија никој нема да биде изоставен

Претседателот на Владата на Република Македонија, денеска учествуваше на свеченоста по повод Денот на Обединетите нации, која беше посветена на иницијативата за зголемување на јавната свест за остварување на 17-те Цели за одржлив развој, усвоени од страна на светските лидери во 2015 година.

„Никој да не биде изоставен” беше лајтмотивот на денешната свеченост, на која во присуство на високи претставници на агенциите на Обединетите нации, на претставници на Владата на Република Македонија, на дипломатскиот кор и на граѓанските организации“, со пригодни говори се обратија Постојаната координаторка на ОН во Македонија Луиза Винтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање нагласи дека од „намалување на сиромаштијата“, до „достоинствена работа“ и „достапна и чиста енергија“, секоја од 17-те цели претставува предизвик за целиот свет и за нивното остварување е потребна соработка од страна на сите влади, меѓународни организации, граѓанското општество, медиумите и граѓаните.

„Заедно со сите други земји, посветени сме на имплементацијата на Целите за одржлив развој. За тоа не постои законска обврска. Постои цивилизациска, хуманистичка, човечка обврска, која е многу посилна од законската“, истакна премиерот Зоран Заев.

„Суштината на Целите за одржлив развој е елегантно доловена во една единствена реченица: ‘Никој да не биде изоставен’. Ова е нашиот водечки принцип во се што правиме. Драго ни е што реформската програма на Владата е заснована врз истиот принцип. На овој Ден на Обединетите нации го покануваме секој поединец да одбере своја Цел и заедно да работиме кон одржлив развој”, издвои во своето обраќање Постојаната координаторка на Обединетите нации, Луиза Винтон.

„Надоврзувајќи се на кампањата што ја започна тимот на ОН во земјата, би рекол дека и Владата на Република Македонија има цел да изгради општество со можности за вклученост на сите граѓани. И јас, како министер за надворешни работи на Република Македонија, имам за цел да придонесам кон тоа преку интензивна меѓународна соработка, размена на искуства со останатите земји членки на ОН и со залагање никој да не биде изоставен“, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Во текот на минатата недела, онлајн кампањата со наслов #ИЈасИмамЦел инспирираше стотици граѓани да споделат што прават за да помогнат да се постигне нивната омилена развојна цел. Ваквиот ентузијазам потврдува дека дури и најмалите промени во нашите животни стилови можат да му помогнат на целиот свет да се доближи до визијата на Обединетите нации за поправеден, побезбеден и почист свет, се вели во препораките за спроведување на глобалната агенда за остварување на целите одржлив развој на ОН.