Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија традиционално го одбележа Светскиот ден на штедењето

Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија денес го одбележа Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, на свечена седница на којашто присуствуваа м-р Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, д-р Драган Тевдовски, министер за финансии во Владата на Република Македонија, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, претставници на банките и штедилниците во Република Македонија, како и претставници на повеќе институции со коишто Здружението на банкарството има воспоставено одлична деловна соработка.

Во своето обраќање, Коста Митровски, претседател на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, истакна дека Светскиот ден на штедењето е востановен на 31 октомври 1924 година во Милано, на Првиот меѓународен конгрес на штедилници, на којшто присуствувале претставници од 29 земји. Тогаш била истакната важноста на штедењето за поединецот, но и за развојот на целата економија, било укажано на важноста на борбата против сите облици на расипништво и била потенцирана важноста на финансиската едукација на населението.

Митровски истакна дека традиционално, започнувајќи од 1999 година, Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија го одбележува Денот на штедењето, а стимулирањето на штедењето зазема централно место во деловната политика на банките и штедилниците-членки на Здружението.

Посебно треба да се одбележат конкретните активности што континуирано ги преземаат банките и штедилниците по повод Светскиот ден на штедењето, со специјални понуди на нови и иновативни финансиски производи за штедачите.

Исто така претседателот Митровски ги поздрави членовите на управните одбори на банките и им упати честитка за нивната посветеност и професионалност во водењето на банките, за да може банкарскиот систем да биде еден од најстабилните системи во општеството, како и на нивните тимови во истите.

Како резултат на тие активности, депозитната база на банките и на штедилниците се зголемува континуирано.

Во своето обраќање министерот за финансии д-р Тевдовски истакна дека домашното штедење е најевтино средство за кредитирање на стопанството и очекува пораст на стапката на штедење.

„До септември е регистриран пораст на штедењето во банките од 6 отсто. Радува фактот што 60 отсто од заштедите се во денари, што е повод за довербата на населението кон домашната валута и монетарната политика на Народната банка на Република Македонија. Населението во банките чува над 220 милијарди денари, а компаниите околу 80 милијарди денари,“ – рече д-р Тевдовски.

Гувернерот м-р Богов извести дека имајќи ги предвид условите во кои функционираше стопанството и банкарскиот сектор сепак е постигнат добар раст на штедењето и кредитирањето.

„Стапките се солидни иако има потенцијал за забележување на повисоки стапки на раст какви што сме имале во претходниот период“, – додаде гувернерот м-р Богов.

Тој, како што рече, е задоволен што и покрај историски најниските каматни стапки штедењето кај населението бележи раст.

Гувернерот м-р Богов укажа дека банките треба да почнат да се приспособуваат кон новите технологии и новите генерации на штедачи.

На крајот, гувернерот упати честитка до сите штедачи и до сите вработени во банките и штедилниците на кои им се доделија плакети.

Во името на Здружението на банкарството секретарот м-р Милена Перчинкова се заблагодари за соработката на Министерството за финансии и на Народната банка на Република Македонија, како и на сите државни институции, инволвирани во работењето на Здружението.

На крајот на свечената седница, беа доделени плакети на 40 најдобри службеници од банките и штедилниците за постигнати особени резултати во вршењето на работните активности со населението.

м-р Милена Перчинкова