Ја грабнал поранешната девојка заканувајќи и се со пиштол

Секторот за внатрешни работи Охрид, против лицата Р.М.(30) и Ф.Р.(20) двајцата од Охрид, поднесе кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “грабнување“. Истражен судија на двајцата пријавени им одреди мерка притвор до 30 дена .

Имено, на 24-ти овој месец во 23,30 часот, првопријавениот Р.М. на улицата „Никола Карев“ во Охрид ја пресретнал поранешната девојка Б.Ч. (25) од Република Србија со  привремен престој во Охрид и насилно, упатувајќи и закани ја присилил да влезе во неговото патничко возило „БМВ“.

Тука настанала жестока вербална расправија поради одбивањето на Б.Ч. за продолжување на љубовната врска поради што првопријавениот Р.М. со огнено оружје пиштол ја удрил во пределот на вратот. Тој по кратко време телефонски го повикал неговиот другар, второпријавениот Ф.Р. за да ги вози низ градот. По едночасовно возење проследено со закани, Р.М. побарал од неговиот другар да ги превезе до станот од девојката и да ги чека пред зградата. Во станот  продолжила расправијата и заканите кон девојката. Таму, по кратко време пристигнале нејзини роднини кои се обиделе телефонски, настанот да го пријават во полиција. Револтиран поради тоа Р.М. го извадил пиштолот обидувајќи се да го спречи пријавувањето.

Во тој момент пред станот дошол второпријавениот Р.Ф. го истргал разлутениот пријател по што двајцата избегале. По кратко време, пријавените се пронајдени и приведени во СВР Охрид а за понатамошна постапка одземено е и патничкото моторно возило.