Цедевита 78-80 МЗТ Скопје

Во отсуство на повредените Николиќ и Оташевиќ, предводен од квалитетите и борбеноста на македонските кошаркари, МЗТ Скопје Аеродром стигна до уште еден голем триумф во АБА лигата, втор против силната Цедевита. Огнен Стојановски ги постигна решавачките поени на три секунди до крајот од мечот во Загреб.

Македонскиот шампион повторно стигна до позитивен учинок во АБА лигата, откако во рамки на 21 коло ја обезбеди 11 победа и тоа на гости против еден од главните фаворити за самиот трофеј, Цедевита. Ослабена влезе Цедевита во мечот поради отсуството на Владо Илиевски, но две отсуства имаше и во МЗТ, откако Никола Оташевиќ и Урош Николиќ не успеаја навреме да се опорават од повредите. Натпреварот во Загреб почна изедначено, а во тој стил се играше и до крајот на првото полувреме, кое Цедевита го заврши со пет поени предност (41-36). Тодор Гечевски и Дамјан Стојановски вообичаено беа предводници на играта на македонскиот тим во нападот, Ѓорѓи Чековски играше цврсто во одбрана, а голем дел од одговорноста превземаа Кирил Николовски и Огнен Стојановски, кои со својата пожртвувана и квалитетна игра, не дозволија во ниту еден момент да се почувствува отсуството на двајцата повредени играчи.

Во второто полувреме, Цедевита постојано одржуваше благо водство од околу пет поени, за на крајот на третата и почетокот на четвртата четвртина, со серија од 6-0, хрватските кошаркари да поведат прв пат со двоцифрена предност од 68-58. Но следуваше важна тројка на младиот Горјан Марковски, а со реализации по добрата игра во одбраната се приклучија и Чековски и Дамјан Стојановски, за МЗТ комплетно да се врати во игра и на помалку од минута до крајот, резултатот да биде изедначен на 76-76. Тодор Гечевски погоди две слободни за МЗТ, истото го направи и Предраг Шупут кај Цедевита, а украдената топка на Марковски донесе последен напад за македонскиот претставник. Огнен Стојановски беше смирен, сконцентриран и прецизен во завршницата и на три секунди до крајот реализираше од поле за водство на МЗТ од 80-78, кое на крајот значеше и победа, откако Марко Томас не успеа за преостанатите три секунди да креира добра позиција да врати на спротивната страна.

Тодор Гечевски со својот дабл-дабл од 13 поени и 11 скокови беше најефикасен поединец во МЗТ и на натпреварот воопшто. Кирил Николовски одигра одличен натпревар на двата краја од теренот, завршувајќи со 15 поени (3/3 за тројка), 3 скокови и 2 асистенции, а меѓу најзабележителните беа и Дамјан Стојановски со 14 поени, Огнен Стојановски со 13 и Ѓорѓи Чековски со 8 на кои додаде и 5 скокови. Покрај нив, Дејвис постигна 9 поени, Бакиќ додаде 5, додека Марковски го заврши мечот со 3 поени. Кај Цедевита, Билан беше најефикасен кошаркар со 19 поени, а двоцифрени беа уште и Томас, Шупуп и Кичен.

„Пред се сакам да им честитам на моите играчи кои навистина се придржуваа до се што се договоривме пред натпреварот. Играа претпазливо во напад, а во второто полувреме одиграа и одлична одбрана. Иако имаме доста проблеми со повредите, денеска покажавме квалитетна игра и заслужено победивме. Секогаш велам дека не треба премногу радување по победа, како што не треба ниту премногу тагување по пораз… тоа е кошарката. На секој натпревар треба да се даде се од себе и да се оди кон победа. Ова е голем триумф за моите момци кои видоа дека со добра работа доаѓаат и добрите резултати“, рече тренерот Алеш Пипан по натпреварот.

По оваа победа, втора во сезоната против Цедевита, МЗТ Скопје Аеродром останува со теоретски шанси за пласман на Завршниот турнир. Моментално се наоѓа на делба на 7 позиција со 11 победи и 10 порази и има само 2 победи помалку од третопласираниот Партизан. Во наредниот меч, закажан за петок, МЗТ во Скопје ја пречекува првопласираната Игокеа.

извор: МКФ