Робот астронаут ќе биде лансиран во вселената на 4 август

Тојота објави дека на 4 август ќе лансира робот астронаут наречен Киробо, на Меѓународната Вселенска Станица (МВС). Тој е еден од двата хуманоидни роботи за вербална комуникација, развиени во рамките на заедничкиот проект „Кибо робот“ на Истражувачкиот центар за напредна технологија и Универзитетот во Токио, компаниите Робо Гараж и Тојота. Исто така проектот го помага и јапонската агенција за вселенски истражувања.

Киробо ќе биде лансиран од вселенскиот центар Танегашима, а штом стигне на МВС, Киробо ќе го чека доаѓањето на јапонскиот астронаут Коичи Вакате, кој би требало на станицата да пристигне помеѓу ноември и декември, во рамките на 38 експедиција на МВС, а се очекува да биде на чело и во текот на 39 експедиција.

Со јапонскиот Кибо експериментален модул, Вакате и Киробо ќе ја направат првата конверзација помеѓу човек и робот во вселената.