Заврши мини летото „На зајдисонце“ во Трпејца

Со изложба на етнолошки предмети сопственост на семејства од Трпејца синоќа беше заокружено второто издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“. Мини – летото се одржуваше под покровителство на Општина Охрид, а го организираше здружението „За Трпејца со љубов“ во соработка со Месната заедница од село Трпејца.Во терминот од 20 до 28 јули на отворено беа одржани редица културни и забавни настани чија цел беше да го привлечат вниманието на трпејчани, но уште повеќе на туристите . Понудените содржини како вовед во развојот на алтернативниот туризам се покажаа интересни за сите генерации. Се одржаа бесплатни школи за англиски јазик, креативно цртање, пливање, шах и кајакарска регата.Во вечерните термини беа отворени изложби на слики и фотографии од Мајкл Клос од Канада и Филип Кондовски од Скопје,омажот за покојниот уметник Димитар Кондовски,  настапи ансамблот „Билјана“, хорот при КУД „Ѓердан“ – „Распеани ѓерданчиња“ а променадите „Со каче по езерото“ и ова лето беа во знакот на младите надежи од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид.Во рамките на манифестацијата „На зајдисонце“ беше промовирана ЦД  боенката „Македонски овошни приказни во стих “  од Весна Пирузева Петровска. Впечатливи, пред се’ за туристите беа прошетката по  планинската патека Чоколско организирана во соработка со Националниот парк „Галичица“ и презентацијата на подводно нуркање и опрема на нуркачкиот центар „Амфора“ пришто беше промовиран и  локалитетот „Заливот на прчот.“ Плоштадчето „Кај Бунарот“ деновиве беше центарот на сите збиднувања во Трпејца, организаторите се задоволни од посетеноста и покрај реално послабата туристичка сезона во селото, од соработката со локалната власт, спонзорите и помагателите и од медиумите преку кои за Трпејца и најубавите зајдисонца се слушна, виде и прочита ширум светот. Така на најубав можен начин уште еднаш е прераскажана убавината на Трпејца и туристичката понуда на регионот.

izlozba na detski trudovi - kreativna rabotlnica po umetnost etnoloska izlozba - trpejca 2013