И годинава аплицирање и распределба на транспортни дозволи и автобуски линии по електронски пат

И оваа година, аплицирањето и распределбата на траспортните дозволи, но и на автобуските линии ќе се врши по електронски пат, рече денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. 

Во периодот од 10-ти октомври со почеток од 00:00 часот ќе отпочне годишното аплицирање по електронски пат за распределба на ЦЕМТ дозволи за 2014 година и изготвување на поединечен план како резервација на поединечни транспортни дозволи за превоз на стоки за 2014 година.

Трговските друштва кои имаат лиценци за јавен превоз на стоки (за сите видови меѓународни транспортни дозволи) и трговските друштва кои имаат лиценца за превоз на стока за сопствени потреби (за поединечни транспортни дозволи-резервација), ќе можат да аплицираат на интернет-страницата www.dozvoli-mtc.gov.mk  заклучно до 15.10.2013 година до 24 часот.

Согласно одлуката од работната група за патен транспорт при конференцијата на министри за меѓународен превоз на стока со седиште во Париз, одлучено е Република Македонија да има 138 базни дозволи врз основа на кои ќе може да се врши распределбата на ЦЕМТ дозволите за 2014 година. Ова значи дека Република Македонија за распределбата за ЦЕМТ дозволи за 2014 година има на располагање 1310 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 5 категорија и 84 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 6 категорија.

Со оглед на тоа дека во последните 12 месеци во Република Македонија се купени повеќе возила со еуро 5 и еуро 6 стандард и вкупно во моментот има 2010 возила со еуро 5 стандард и 29 возила со еуро 6 стандард , согласно фондот на дозволи со кои располага Република Македонија, во распределбата за 2014 година можност за аплицирање ќе има за возилата со највисока категорија, односно возилата кои се со Еуро 5 и Еуро 6 стандарди.

Исто така, Министерството за транспорт и врски на 1 октомври 2013 година ќе објави оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници.

Аплицирањето, обработката на податоците како и целокупната постапка за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии се врши преку електронски систем достапен на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски www.liniskiprevoz.gov.mk

Право да учествуваат на огласот имаат сите заинтересирани превозници-правни лица кои имаат лиценца за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници и кои електронски ќе аплицираат во периодот од 01.10.2013 година (вторник) од 09 часот заклучно до 02.10.2013 година (среда) до 21 часот.

Во електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови за одобрени линии превозникот пополнува задолжителни податоци за исполнување на условите (критериумите) за одобрување на возниот ред согласно одредбите во член 24-а од Законот за превоз во патниот сообраќа и Правилникот за начинот, постапката и поблиските услови за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници, издавање, продолжување и одземање на дозволата за одобрена линија, формата и содржината на образецот на дозволата и возниот ред, кој може да се прочита на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Одобрувањето за возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии кое се врши преку електронски систем го следи и контролира Комисија за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии формирана од министерот за транспорт и врски во согласност со член 24-а став 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Врз основа на добиените резултати од компјутерски обработените апликации, Комисијата доставува предлог листа на одобрени, односно одбиени барања до министерот за транспорт и врски на одобрување

Овие начини на аплицирање и распределба ги прави целиот процес максимално транспарентен, затоа што ја елиминира вклученоста на човечкиот фактор, исклучувајќи можноста за коруптивно дејствување во работењето и истовремено ја олеснува процедурата за аплицирање заштедувајќи време и непотребни трошоци и за превозниците и за администрацијата.