Одбележани 142 години од раѓањето на Гоце Делчев

Свештеници од Скопската епархија на МПЦ – ОА денеска одржаа панихида по повод 142 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-1903) во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што се наоѓа вечното почивалиште на македонскиот револуционер и идеолог.

Цвеќе и венци пред саркофагот на Гоце положија делегации на Собранието и Владата на Република Македонија, од Кабинетот на Претседателот на РМ, од Армијата на Република Македонија, Здружението на борците, МАНУ, Град Скопје, од собранијата на општините Делчево, Тетово, Струга, Битола и Дебар, Матицата на иселениците, претставници на политички партии, на здруженија на граѓани, општини и на други локални установи. Делегациите се поколонија и пред спомениците на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ и во Градскиот парк.

На чествувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, но и во чест на сите борци за национална слобода на македонскиот народ, настапи мешаниот градски хор „Вардар“.

Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.