Отворени 17. Денови на образование и кариера

Седумнаесет домашни и 13 странски изложувачи учествуваат на 17. Денови на образование и кариера, кои од денеска до 12 април се одржуваат во втората хала на Скопскиот саем, на површина од 2.000 метри квадратни.

На саемските штандови се претставени институции од Македонија, Грција, Бугарија, Словенија, Чешка, Унгарија, Русија, Германија, Словачка, Италија, Швајцарија, Велика Британија, САД и од Кина.

Идните студенти на едно место може да се информираат за студиските програми за додипломски или постдипломски студии што ги нудат јавните или приватните високообразовни установи,  за условите за запишување, можноста за студирање во странство и за добивање стипендија.

Манифестацијата ја прогласи за отворена  Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем, во присуство на министрите за образование и наука и за внатрешни работи Спиро Ристовски и Гордана Јанкулоска.

„Ова се денови на промоција на знаење, денови на отворени предизвици каде да се продолжи образованието, а со тоа и кариерата, бидејќи високото образование, сепак, останува најдобра заштита од невработеноста. Оваа манифестација, која е спој на средното и високото образование, е поддршка за студентите за нивна успешна кариера“, рече Глигоровска.

За време на одржувањето на саемот, стипендии ќе доделат Меѓународната бизнис-школа ХУЛТ, Средноисточниот технички универзитет МЕТУ од Турција, Пекиншкиот технолошки институт и Политехничкиот универзитет во Милано.

Покрај високообразовни институции, учествуваат и образовни агенции, Образовниот информативен центар, консалтинг-куќи од областа на образованието, како и бизнис-компании кои нудат стручна преквалификација, обука, пракса и евентуално вработување на  млад кадар.