Во Охрид се одржа Младински камп „Светското наследство во рацете на младите“

Во текот на изминатава недела во Охрид беше организиран Младински камп на тема „Светското наследство во рацете на младите“ на кој учествуваа вкупно 90 средношколци од Македонија и Албанија. Во рамки кампот учесниците имаа можност да се запознаат со вештините за изработка на филигран, копаничарството, народната музика, сликање, правење кошници и други стари занаети кои се дел од богатото културно наследство во регионот.

Кампот е завршна активност на прекуграничен проект чија главна цел е средношколците од Албанија и Македонија да научат да ги ценат различностите и да го заштитуваат светското и националното културно и природно наследство, а професорите да се спремни за да ја зајакнат меѓукултурната соработка и разбирање помеѓу учениците.

Проектот ќе има влијание врз двете вклучени страни, поточно во Регионот на Корча во Албанија и во Југозападниот и Полошкиот регион во Македонија.

Посебни цели на проектот се да се воспостави и поддржи заедничка акција меѓу Македонија и Албанија при имплементација на Образовната програма за светско наследство на УНЕСКО во избраните училишта, со активности базирани на Прирачникот за наставници – „Светското наследство во рацете на младите“.

„Локалната агенција за развој“ од Струга и „Уне, груаја“ од Поградец, Албанија се водечки партнери во проектот, а останати чинители се „Среќен Живот“ од Тетово, УНЕСКО-Проектната Канцеларија од Скопје и УНЕСКО-Канцеларијата од Венеција, Министерство за Образование и Наука и Работничките Универзитети во Македонија и Албанија, општини и средни училишта.