Вродува со плод лобирањето на градоначалникот Бакрачески за туристичка промоција на Охрид

Развојот на туризмот како една од најбитните стопански гранки и претставување на Охрид како туристичка топ дестинација е една од главните заложби на градоначалникот Никола Бакрачески која се реализира во континуитет. Во таа насока , градоначалникот Бакрачески непосредно по преземањето на мандатот, остваруваше последователни работни средби со претставници од дипломатскиот кор во земјава и странство, со цел тие да го вложат целиот свој авторитет и работна положба за промоција на Охрид и Македонија како туристички дестинации.

За време на минатогодишните празнувања посветени на големиот христијански празник, Богојавление – Водици, градоначалникот Бакрачески оствари средба со поранешниот евро амбасадор Ерван Фуере. Притоа беа разгледувани можностите да се лобира со цел во светски рамки да се промовираат природните убавини, културно – историското наследство и специфичните локации на Охрид и Македонија како привлечни места за туристите од целиот свет.

Како резултат на ваквите определби а секако и со заложба на Владата на Република Македонија, весникот ”Њу Jорк Тајмс” неодамна објави статија во која Македонија е во 10-те топ дестинации од вкупно 52 места кои според овој светски медиум треба да се посетат во 2015 година.

Во текстот на славниот дневен весник се појаснува дека Македонија е земја на манастири и цркви, Охридското Езеро и винската индустрија, додека Шар Планина ја споредува со Алпите. Од сместувачките капацитети спомнат е хотелот Монтана во Куршево. Како јадење од Македонија се спомнува пастрмајлијата, а на крај се истакнува дека Македонија е една од ретките земји каде го нема “Мегдоналдс“.

PromocijaOhridG_cr

За позитивниот резултат од заедничките заложби за промоција на Охрид и Македонија , односно вбројувањето на земјава во десетте топ туристички дестинации во Светот, градоначалникот Бакрачески деновиве беше писмено известен од поранешниот евро амбасадорот Фуере кој е вљубеник во Охрид и неговите убавини.

Претставувањето на Охрид на меѓународни туристички саеми и други светски собири како и презентацијата на неговите природни и културно – историските знаменитости пред светската бизнис елита кои се реализираат во континуитет, ветуваат многу.

Позитивните резултати од ваквите промоции на Охрид веќе ги почувствувавме изминатово лето кога бројот на странски гости беше зголемен за 9 проценти во однос на претходното лето а бројот на ноќевањата на странците бележеше пораст од 7,4 проценти.

Добрите ефекти од туристичките промоции на Охрид ќе ги доживуваме и во наредните години кога се очекуваат бројни посетители и гости на охридската ривиера.