Ден за високи гости на вежбата „Македонски блесок 12“

Припадниците на декларираната ренџерска чета (рч) со демонстрација на постапките на показната вежба со боево гаѓање „Ренџерски вод во реакција и извлекување од контакт“, која денес се реализира на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ во рамки на програмата за Денот за високи гости го означија завршетокот на „Македонски Блесок-12”.

Во текот на реализација на вежбата ренџерите прикажаа висока обученост и извежбаност при демонстрирање на борбени постапки и ситуации кои беа дел од содржините за НАТО оценувањето Ниво-1 на вежбата „Македонски Блесок-12” кое се спроведе во текот на вежбата.

НАТО оценувањето ниво 1 на декларираната рч се реализираше согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, а го спроведе оценувачки тим составен од претставници на армии од земји членки на НАТО и Партнерството за Мир (ПзМ).

Активноста покрај министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковки ја проследија и генерали на АРМ, команданти на единици, претставници од Канцеларијата за врски на НАТО, асоцијацијата на воените аташеа акредитирани во Република Македонија и други високи гости.

Во текот на вчерашниот ден на командирот на оценуваната единица и раководството на вежбата им е соопштена првичната оценка од спроведеното оценување согласно концептот за оперативни способности на НАТО, која е позитивна и во согласност со прикажаната висока обученост на припадниците на единицата.

На вежбата учествуваа 250 припадници од 21 држави на НАТО и ПзМ, а за време на траењето на вежбата се реализира и „32. Курс за обучување на оценувачи во НАТО, според концептот за оперативни способности“.

Вежбата „Македонски Блесок 12“ претставува продолжение на циклусот вежби кои ги изведуваа припадниците на АРМ во досегашниот период и уште еден голем успех на АРМ и потврда за исполнувањето на стандардите на НАТО.