Завршија конзерваторско-реставраторските работи на црквата „Св.Ѓорѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со претставници на Управата за заштита на културното наследство, стручната екипа од Националниот конзерваторски центар и претставници од кумановскиот музеј  извршија увид на конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата на црквата „Св.Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане во општина Старо Нагоричане, која датира од 16 век.

Канческа-Милевска изјави дека проектот за непосредната заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на оваа црква која претходно била во фаза на рушење, е целосно завршен.

„На овој проект се работеше долги години. Во изминатиот период и денеска имаме можност да го видиме целосно завршен овој проект кој опфаќа неколку фази кога станува збор за непосредна заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на црквата. Тука станува збор за конструктивна консолидација на самата црква. Нешто коешто сакам да го истакнам како значајно, а тоа е враќање на првобитниот сјај на архитектурата на црквата, со конструктивно зајакнување, целосно препокривање на самата црква, дренажаен систем околу црквата, партерно уредување, потпорен ѕид, значи сето она што е неопходно за да се врати првобитниот изглед на овој вреден споменик на културата“, рече Канческа-Милевска.

Потенцира дека кога станува збор за непосредна заштита на вакви објекти, фазите треба многу стручно да се работат со цел да нема никакво нарушување и да се врати автентичноста која, како што рече, е особено значајна и може да се види на споменикот на културата.. Таа му се заблагодари на тимот кој работел на црквата.

„Издвоени се шест милиони денари, средства за самата конзервација и реставрација на архитектурата, и нешто што е многу значајно, а тоа е продолжување во втората фаза, а тоа е конзервација на фрескоживописот“, рече Канческа-Милевска.

Проектот, нагласи, влегува во годишната програма на Националниот конзерваторски центар за тековната година и се планира фрескоживописот да биде завршен до крајот на годината, така што тимот веднаш треба да започне со работа.

„Посебно ме радува што овој објект повторно е вратен во својата првобитна положба и верувам дека како еден значаен споменик на културата ќе биде од огромна важност и за туристичката промоција и за промоција на нашето вредно културно наследтво кое што го поседуваме. Ме радува што целосно е завршен овој објект, што навистина убавината на архитектурата на црквата можеме да ја видиме и што самиот фрескоживопис оваа година целосно ќе биде завршен“, истакна министерката.

Нагласи дека заштитата на културното наследство е еден од приоритертите на Владата и Министерството за култура. Потсети дека надлежните институциите, заводите, Националниот конзерваторски центар, изминатиов период работеле на над 700 проекти од областа на непосредната заштита на културното наследство на профани и сакрални објекти, реставрација на архитектура, на фрескоживописи на обнова на манастирските конаци, комплекси. На 48 објекти е извршена обнова на фасадите на старите градски јадра низ државата.

Министерката потсети дека се истражувале над 60 арехеолошки локалитети каде што биле откриени над 800 илјади вредни артефатки кои што се конзервирани и промовирани пред македонската и светската јавност.

Овие бројки, посочи, говорат за нашата голема доследност и почитување на културното наследство.

„Ние и оваа година продолжуваме со таа обнова, заштита, конзервација и реставрација на сите профани и сакрилни објекти, продолжуваме со истражување на археолошките локалитети, со оној проект кој што спомнав за обнова на фасадите во старите градски јадра и со сето она што е приоритет во делот на самите институции, заводи и музеи“, додаде министерката.

Ѓурѓица Лековска од Националниот конзерваторски центар изјави дека црквата била во исклучително лоша состојба, особено кровот кој прокиснувал и водата која што навлегувала го раздробувала каменот и внатрешноста на црквата.

„Работено е на препокривање со нови ќерамиди, поставување на лимени опшивки за да се заштити водата, повторно да не ги најадува и нагризува убавите блокови, работено е на фасадата кај прозорците… работена е дренажата на северната страна на црквата, потпорниот ѕид, платото и конзервација на масивните дрвени оргинални врати“, изјави Лековска.

Проф.др.Предраг Гавриловиќ рече дека биле користени современи методи, направена е минимална интервенција, создадени се услови да се направи наредна фаза, тоа е фрескоживопис, што, според него, е највредно во овој дел.

„Исто така и состојбата со фреските од фрескоживописот беше катастрофална, целосно беа прекриени. Паралелно со конструктивна консолидација работевме на заштита да не се оштетат и сега претстои оваа завршна фаза. Во секој случај претставува еден добар пример на заштита на културно наследство, вклучувајќи ја и онаа трајна заштита од земјотреси, извршена санација итн“., додаде Гавриловиќ.