Општина: Охриѓани се мудри и добро знаат на кого ја даваат довербата

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Почитувани,

Продолжува серијалот на паушални соопштенија организирани од СДСМ Охрид, на кои освен невистини и лажни обвинувања не може да се прочита ништо друго. Впрочем не реализирањето на ветувањата дадени пред граѓаните, урбанистичко пустошење и енормното задолжување на охриѓани се одлика на СДСМ Охрид.

Разликата помеѓу времето кога Вие владеевте со Охрид и сега е огромна и видлива. Охриѓани знаат многу добро кој и што направи за Охрид.

Подобро би било да го отворите отчетот на градоначалникот и таму да прочитате што се е направено за охриѓани. Доколку тоа го направевте ќе видевте дека во Лескоец се реализираа голем број проекти и се решија голем број на проблемите што ги имаа жителите на Лескоец.

Жителите на Лескоец знаат дека оваа Локална самоуправа изврши реконструкција и изведба на нова водоводна линија во Лескоец и тоа се реализираа две фази од проектот, а во тек се подготовките за реализација на третата фаза по што трајно ќе се реши проблемот со водоводот. Првата фаза е во должина од 500 метри и вредност од 1 800 000 денари, а втората од 500 метри и вредност од 2 100 000 денари. Исто така знаат дека се изгради и фекална канализација низ целата територија на селото Лескоец. И тоа не е се што реализиравме во Лескоец, тука е и отворањето на детска градинка, реконструкција на една од најфрекфентните улици во Лескоец „Илија Смически“ во вредност од 6 498 485 денари, се асфалтираа три краци од улицата „Илинденска“ во вредност од 1 970 516 денари, се реконструира училиштето, започнавме со изградба на фудбалскиот терен и уште многу други помали проекти.

Почитувани,

Жално е што сакате да ја потцените интелигенцијата на граѓаните, па со лаги и манипулации се обидувате да добиете некој ситен политички поен. Охриѓани се мудри и добро знаат на кого ја даваат довербата. Затоа вас ве сместија во мрачното минато на Охрид.“– се вели во реакцијата.