Агим Ибраими е прогласен за најдобар македонски фудбалер за 2012 година, во традиционалниот избор што го организира ФФМ. Ибраими прв пат освојува вакво признание, а го заслужи со импресивните игри за репрезентацијата на Македонија и во словенечкиот првак Марибор. Посебно за истакнување се квалификационите натпревари за светско првенство кои ги одигра, а најмногу голот кој го постигна за Македонија против Србија кога победивме со 1:0, исто така беше стрелец и во поразот од Хрватска во Загреб со 1:2.
„Среќен сум за оваа награда која пред се претставува голема чест и одговорност. Ме обврзува на теренот да давам се од себе за мојот тим и за мојата земја. Им благодарам на соиграчите, на моето семејство и сите оние кои веруваа во мене“, изјави Ибраими, кој триумфираше пред Пандев и Новески во изборот на кој гласаа тренери и капитени од 12 клубови од македонската Прва лига.
Домашен играч на годината е Остоја Стјепановиќ од Вардар, а за најдобар тренер прогласен е Илчо Ѓорѓиоски, кој го водеше Вардар пред да биде избран за претседател на ФФМ.
WebOhrid
фото: ФФМ