Платини повторно повикува Светското првенство 2022 да биде во зима

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА) Мишел Платини, повторно повикува Светското првенство во 2022 година што ќе се игра во Катар, да се одржи во зима, поради големите горештини во таа земја.

„Мундијалот мора да се организира во вистинско време, а најдобро време во Катар е во ноември и декември. Во тој регион во лето температурата достигнува дури и 55 °С, а тоа не е воопшто добро“, рече Платини.

Првиот човек на УЕФА уште во септември го предложи ова за прв пат, Светското првенство во 2022 да се одигра од 2 ноември до 20 декември. Платини исто така истакна дека за 10 години би можело да се направи план сите национални првенства календарски да се поместат.

Тој оценил дека организацијата на Мундијалот во зима би било „корисно за сите“. Платини додаде дека би било добра идеја Катар и ФИФА да се договорат, на најдобрите репрезентации од светот да им се приклучат уште неколку земји од Персискиот Залив.